На денешната средба на претседателот на Владата Оливер Спасовски и германскиот амбасадор во земјата Томас Герберих беше истакната и повторена поддршката на Германија за скорешно започнување со пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија и беше заклучено оти процесот за развој на методологијата не смее да донесе поместување на пристапните преговори, соопштија од владината прес-служба.

На средбата беше истакнато дека вчерашната посета на еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји донела умерен оптимизам дека може да се очекува позитивна одлука од Унијата за почеток на преговорите.

Спасовски нагласи дека Владата ќе продолжи да дава дополнителни позитивни аргументи за таква одлука на ЕУ, како што се подготвеноста за продолжување и одржување на политички дијалог, стабилни меѓуетнички односи, спроведување на реформите и функционирање на институциите, владеењето на правото и дополнителни напори за изнаоѓање на политички решенија за клучни законски реформи, информираа од прес-службата на Владата.

На средбата е констатирано дека Македонија и Германија имаат одлични билатерални односи, кои ги карактеризира динамичен дијалог и стабилно партнерство и беше изразена подготвеност за продлабочување на соработката и во наредниот период.

На средбата, премиерот Спасовски и амбасадорот Герберих позитивно ја оценија одличната соработка во различни сфери особено во економијата меѓу двете земји и беше изразена подготвеност за унапредување на билатералните односи меѓу Република  Македонија и СР Германија, наведоа од владината прес-служба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.