Германија и Словачка се залагаат Македонија и Албанија во јуни заедно да ги почнат преговорите за членство во ЕУ, објавија на Твитер германскиот министер за Европа Михаел Рот и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок.

Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија во јуни. Двете земји ги испорачаа бараните реформи – сега мора и ЕУ да испорача. Понатамошното одложување ги поткопува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, напиша Рот, како реакција на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана, ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.

Шефот на дипломатијата на Словачка, Корчок, пак, смета дека Советот на ЕУ треба да го тргне ветото за Македонија што го стави Бугарија.

Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега значи отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на Македонија и Албанија. Одржувањето на меѓувладините конференции со двете земји веќе многу доцни, напиша Корчок.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз изјави дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.

Ако и натаму наидеме на потешкотии со Македонија, тоа би значело неуспешни преговори со Бугарија, тогаш би можеле да продолжиме само со Албанија. И треба да го разгледаме тоа прашањеистакна Вархеји за Еуроњуз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.