Српскиот весник „Ало“ објави интервју со Ларис Гејсер, кого го нарекува „Човекот кој ја растресе Македонија, но и целиот Балкан!“

Во продолжение ви го пренесуваме разговорот.

Ларис Гејсер, аналитичар и професор по геополитика, кој во низа написи за италијанскиот весник „Ла верита“ ја откри аферата околу уцената на бизнисмени во која се вплеткани Боки 13, Зоран Заев, неговиот советник Башановиќ и многу други во разговор за „Ало“ открива како реагирал кога слушнал дека е приведена поранешната специјална обвинителка Јанева и дали очекува нови апсења.

Да, тоа навистина е прв резултат од серијата текстови кои ги објавив, но би рекол тажен резултат, кога ќе земеме во предвид дека македонското обвинителство имаше во свој посед исти документи уште пред еден месец и ништо не се случи. Тоа значи дека без моите написи во весникот „Ла Верита“ вистината никогаш немаше да излезе на виделина и сега се надевам дека на сите им е јасно дека целата земја е заложник на криминална организација која направи се да се заштити себе си или да ги уништи доказите.

Дали очекувате Заев да поднесе оставка?

Да сум јас советник на Заев и да знам се што знам веднаш би го посоветувал да поднесе оставка. За негово добро и за доброто на Македонија. Порано или подоцна тој ќе мора да си замине. Тој е минато и меѓународно е мртов.

Дали верувате или имате ли докази дека некој од ЕУ, како на пример Могерини, имал сознанија што се случува во Македонија?

Дали една нормална личност може да поверува дека никој во ЕУ немал поим што се случува во Македонија? И да е така, во секој случај се виновни за тоа што се неспособни. Поентата е што системот на Зоран Заев е продукт на Комисијата на Јункер и на Могерини и нивниот пристап кон Балканот и сега не можат да го прифатат својот дел од одговорноста. Наместо тоа, тие се одлучија за тишина.

Бевте мета на хакери, отворени се неколку ваши лажни профили. Што мислите, зошто е тоа направено и со каква цел?

Изгледа дека станав мошне популарна личност во Македонија во рок од неколку часа со илјадници следбеници, што е проблем за мрежата на Зоран Заев. Верувам дека лажните профили се направени како замка за луѓето кои ја претставуваат опозицијата во Македонија. Многу тажно, тоа се фашистички методи на режимот. Сепак смешната страна на приказната е дека минатата недела група хакери нападнаа еден од моите лажни профили кој беше направен од друга хакерска група, која потоа ги алармираше медиумите дека профилот ми е хакиран, кој инаку е лажен.

Се плашите ли можеби за сопствената безбедност?

Знаев дека ќе имам последици со навлегувањето во интересите на моќна криминална мрежа која меѓународно е поврзана и тешко повредувајќи ги нивните финансии. Ајде да речемe дека моето ниво на претпазливост е поголемо сега отколку на почетокот на август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.