Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во изјава за „360 степени“ вели дека имаат начелен договор со својот коалициски партнер, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, да присуствуваат на утрешната седница на Собранието.

Ние рековме дека ќе ги поддржиме антикризните мерки, но се уште не ни е јасно зошто Талат Џафери упорно инсистира пред 36-тата седница да се одржи продолжението на 32-та. Навистина не можеме да го разбереме неговото однесување“, вели Гаши.

Тој, сепак, потенцира дека нема да им дозволат на ДУИ и на Талат Џафери да ги користат како алиби и ќе учествуваат во работата на парламентот.

„На 36. седница, секако, ќе присуствуваме и ќе се изјасниме за мерките кои треба да им помогнат на граѓаните. А, во однос на 32. седница, која треба да се одржи 15 минути претходно, доколку навистина има потреба и нема кворум, тогаш нашите пратеници ќе влезат во собраниската сала и ќе го обезбедат. Иако не знаеме која е вистинската причина зошто тој инсистира на таа седница, за да не му обезбедиме и нему и на ДУИ оправдување дека ние наводно сме виновни, ќе земеме учество и на таа седница“, дециден е Гаши.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.