Претседателот на Алетернатива, Африм Гаши во интервју за српска „Политика“ ги посочува принципите кои ќе имаат одлучувачка улога во донесувањето на одлуката дали ќе стане дел од владата, која треба да ја објави денеска.

Ви пренесуваме дел од ова интервју:

Станавте одлучувачки фактор за решавање на политичката криза во Македонија. Како дојде до ова и како тоа влијае на приоритетите на вашата партија?

Не би рекол дека Алтернатива сега стана политички фактор во Република Македонија. Заедно со нашите четворица пратеници, од формирањето на ова парламентарно мнозинство, ние сме важен актер на политичката сцена. Секако, нашата улога стана позначајна со последните настани, кога бројките не овозможија ново мнозинство, ниту нормално функционирање на собранието, ниту пак нови парламентарни избори. Искрено, не сум задоволен од оваа позиција, бидејќи бевме и сè уште сме посветени на опозициските активности, со јасен однос кон ова парламентарно мнозинство и оваа влада. Тоа го докажува нашата посветеност за покренување иницијатива за гласање недоверба на Владата. Сепак, недостигот на еден глас повеќе на пратеник, ја втурна земјата во длабока политичка криза, кога се наѕира можноста за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Преговарате со партијата СДСМ да бидете дел од владата. Бидејќи вашиот најголем противник е албанската партија ДУИ, дали тоа ќе влијае на конечната одлука за понатамошниот пат на Алтернатива?

Не покажавме интерес за влез во владата. Но, бидејќи сме во позиција во која од нас зависи блиската иднина на државата, се договоривме да разговараме со Зоран Заев, премиерот во оставка, да го слушнеме неговиот концепт за нова влада, да разговараме како Алтернатива може да помогне. Ние секако ќе се водиме од очекувањата на нашите гласачи, интересите на Албанците во Македонија, како и државните интереси кои се тесно поврзани со нашите партиски и национални цели. Ако во преговорите видиме дека г. Заев навистина има искрена желба да ја спаси државата од овој грч, ќе се обидеме да му помогнеме. Длабоко сме заинтересирани за продолжување на евроатлантскиот курс на земјата, за отворање на преговорите за членство во ЕУ, за решавање на спорот со Бугарија и за политичка и економска стабилност.
Ако СДСМ и ДУИ сакаат само четири пратенички гласови, а не сакаат нашите програмски определби да бидат ставени во владината програма и ако не се подготвени да воспостават рамнотежа меѓу политичките актери на власт, ние немаме посебен интерес да влеземе во таа влада. . Затоа, не можам да го прејудицирам исходот. Би забележал дека преговараме со сегашниот премиер и со идниот премиер, а не со другите партии вклучени во таа влада.

Од друга страна, разговарате ли со партијата ВМРО-ДПМНЕ која бара предвремени парламентарни избори?

Нашата комуникација со ВМРО-ДПМНЕ е на ниво на опозициски партии. Имавме договор за меѓусебна поддршка на локалните избори и нашата комуникација продолжува. Ќе имаме соработка со ВМРО-ДПМНЕ во повеќе општини меѓу кои и Скопје. Бевме заинтересирани да ја урнеме оваа власт, што, за жал, не се случи, од веќе познати причини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.