Претседателот Стево Пендаровски најпрво требаше да се информира што всушност значи тоа „апелационо право“, како и дали Цариградската патријаршија има мериторно право, односно апелационо да се меша во јурисцикцијата на другите автокефални цркви. Вака изгледа многу несериозно кога претседател на една држава бара нешто, а адресата на која се повикува нема можности такво нешто да му испорача, вели архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован во интервју за белградскиот дневен весник „Блиц“.

За жал, со ваквите постапки, Стево Пендаровски се прикажува како потполно изгубен на позицијата претседател. Република  Македонија не е теократска држава и претседателот нема ама баш никакво право да привилегира една верска заедница на сметка на друга. Европскиот суд за човекови права пресуди дека Православната охридска архиепископија (ПОА) треба да биде регистрирана како верска заедница во земјата, но тоа не е исполнето уште од 2017 година кога е донесена пресудата. Претседателот ниту еднаш за овие три години не се заинтересира до каде е постапката за исполнување на таквата пресуда – вели архиепископот.

Тој смета дека по наговор од еден митрополит на МПЦ-ОА, кој, како што вели, е исклучително близок со премиерот Зоран Заев, државниот врв стекнал впечаток дека сега е погодно време на ист начин како и еден дел од црквата во Украина, да се издејствува автокефалност од Цариград за МПЦ-ОА.

Епископите на МПЦ би се сетиле колку многу непријатности за целата црква донесе едностраното признавање на еден дел од црквата во Украина од страна на Константинопол. Таа црква ја признаа само уште две од вкупно тринаесет други помесни цркви, односно, три од вкупно четиринаесет. Ако се примени истиот неканонски начин на признавање на МПЦ, сигурен сум дека ни толку цркви нема да го прифатат тоа, бидејќи Грчката православна црква која ја призна автокефалијата на црквата во Украина, веќе се изјасни дека нема да ја прифати автокефалноста на МПЦ. Време е да работиме на поправање на разнишаното единство помеѓу православните кое се случи по признавањето на автокефалноста на црквата во Украина, а не да отвораме нови фронтови – објаснува г.г. Јован.

На прашањето дали таквиот потег е нова провокација за Српската православна црква (СПЦ), архиепископот Јован смета дека повеќе станува збор за незнаење.

Можеби не било замислено да биде провокација колку што се работи за неспретност и незнаење. Ако е провокација, тогаш е потполно несериозна и сведочи за ниското и детско ниво на провокаторот – вели поглаварот на ПОА.

На прашањето какви последици би предизвикало по СПЦ евентуалното признавање на МПЦ од Цариград, архиепископот тврди дека не може да се случи признавање без ревизија на Томосот од 1922 година.

Целото интервју прочитајте го на официјалната интернет страница на Православната охридска архиепископија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.