Свесни се во СДСМ, а свесен е и Заев дека и покрај сиот ветар од меѓународната заедница, но и од моќта што ја овозможува власта, ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски во овој момент има поголем рејтинг од СДСМ и Зоран Заев.

Поранешниот висок функционер на СДСМ, пратеник и новинар Сафет Бишевац, во едно телевизиско гостување минатата недела рече дека ако продолжи оваа тенденција на континуиран раст на рејтингот на ВМРо-ДПМНЕ за сметка на рејтингот на СДСМ, исходот на следните избори е повеќе од јасен.

Две работи му се случија денеска на Заев. Прво, оcтавката на Петар Атанасов, прв сepиозен удap на политиките на Заев каде има ceриозни обвинyвaњa за начинот на функционирање на оваа власт. И второ, изјавата на францускиот амбасадот Тимоние: „Чекајте бе луѓе што сте запнале со датумот“, и немањето на реакција на неговата изјава од страна на власта, рече Бишевац во Само вистина.

Во анкетата спроведена пред дебаклот на Заев во Берлин и Брисел, ВМРО-ДПМНЕ има водство од 2 проценти, односно 25 проценти наспроти 23 за СДСМ. Се работи за драматичен пресврт на односот на силите на политичката сцена во споредба со локалните избори во 2017 година, кога СДСМ доминантно освои над 400.000 гласови и безмалку сите општини во државата. Владејачката партија тргна удолу со референдумското изјаснување, кога се покажа дека не може ни приближно да го испорача тоа што се бараше од неа, за во пресрет на претседателските избори да почне да избегнува отворено соочување со ВМРО-ДПМНЕ и да пристапи кон прилепување на низа помали партии кон себе за да ја прикрие својата слабост.

Резултатот од само 322.000 гласови освоени во првиот круг на претседателските избори, година и пол од убедливата победа на локалните избори, ја растревожи СДСМ. Партијата загуби 100.000 гласови од есента 2017 до пролетта 2019, и тоа откако на своите гласови ги припои тие од ДУИ. Паничното ветување за метла на најкорумпираните владини функционери, полицискиот упад во ИВЗ, притисоците кон помалите етнички партии, и конечно кон албанската опозиција го одвлечкаа Пендаровски преку целната линија, но тоа само дополнително ја разоткри суштинската слабост на централната партија во коалицијата – СДСМ – која би требало да може самата да се натпреварува со ВМРО-ДПМНЕ, а не да бара поддршка од безмалку сите други партии во земјата.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ стои сама, со растечка поддршка кај Македонците, неопределените, во низа општини кои СДСМ убедливо ги доби во 2017 година, и по сите институционални и вонинституционални удари и притисоци кои беа насочени кон опозицијата. Падот на СДСМ и нивните коалициски приврзоци беше најавен во анкетата на ИПИС од средината на јуни, која исто така покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има предност од скоро два проценти над СДСМ – 21.2 наспроти 19.5. Разликата во анкетата на М-проспект е уште поголема, а оваа анкета покажува заостанување и на албанскиот коалициски партнер на Заев – ДУИ, на кого во врат му дишат Алијансата на Албанците и БЕСА, две партии кои бараат одржување на предвремени избори.

Двете анкети покажуваат дека политиките на СДСМ се отфрлени од етничките Македонци. Во анкетата на ИПИС, ВМРО ја има поддршката на 27.8 проценти на Македонците, наспроти 22.6 проценти кои се за СДСМ, додека според М-проспект, дури 34 проценти од Македонците ја поддржуваат опозицијата, а само 26.6 проценти би гласале за кандидатите на Заев, кој мора да се потпира на албански гласови за донекаде да ја намали маргината на поразот од ВМРО.

Како капак на сè, вчерашната полициска акција, во која, по којзнае кој пат во монтиран полициско-судски случај се уапсени функционери на ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа ден пред најавената Парада на гордоста, поддржана од највисоката власт – претседателот на државата и Владата. Градот е затворен за целиот фокус на јавноста да се заврти кон боите на виножитото и наводната доцна европеизација на Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.