Македонија нема напредок во борбата со корупцијата. Македонија тапка во место, односно ништо не се сменило, го коментира ВМРО-ДПМНЕ најновиот извештај на Фридом хаус, „Слободата во светот 2021“.

Корупцијата останува сериозен проблем, постои широко распространета неказнивост за корумпирани владини службеници, вклучително и членови на парламентот и на судството. Наспроти фалбите за реформи, продолжуваат да се појавуваат сериозни скандали со корупција и набавки. Ова е оценката на Фридом Хаус.

Македонија останува делумно слободна држава во која што се уште се нотирани, изборен поткуп, заплашување на гласачи. Македонија е земја во која новинарите се предмет на политички притисок и вознемирување, а физичките напади продолжуваат да се пријавуваат. За дел од медиуми се нотира дека се врзани за политички или деловни интереси кои што влијаат на нивната содржина.

Тоа што власта сака да го истакне како постигнување, трите поени разлика, се должат токму на тоа што ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го истакнува, а тоа е дека беа признаени избори во име на ветената европска иднина, односно почетокот на преговорите со ЕУ.

Трите поени се однесуваат на тоа што без проблеми била формирана влада по јулските избори, иако се регистрирани изборни измами, закани и други форми на изборен притисок, а се нотира и забелешката од ОБСЕ дека власта во последен момент ги сменила изборните правила.

Оценката на Фридом Хаус дека Македонија е делумно слободна држава само се надоврзува на оценките од почетокот на годинава за Хибриден режим на Економист, на оценката дека Македонија тоне во корупција според Транспаренси.

Македонија со Зоран Заев, Оливер Спасовски, Бојан Маричиќ, Љупчо Николовски и другите не може да постигне никаков напредок, освен во корупцијата, криминалот, поткупот, заканите и заплашувањата.

Власта, пак, од друга страна смета дека извештајот на Фридом хаус е позитивен. Спред прес-службата на Владата, Генералната оценка е дека Владата на реизбраниот премиер Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќегодишното претходно уназадување на демократијата и дека сериозно прашање за државата е тоа што ЕУ не го одржа ветеното дека земјата ќе го започне процесот на преговори на крајот од 2020 година.

Во соопштението се посоочува дека годинашната оценка за државата во извештајот е 66 од можни сто поени, што е за три поени напредок од лани.

– Фридом Хаус се повикува на позитивните оценки на ЕУ за реформите во правосудството, и дека е потребно да продолжи практикувањето на законските можности за зајакнување на независната работа на судиите. Во документот е забележан прогрес во поддршката на граѓанското општество со констатација дека дел од граѓанските организации кои застапуваат човекови права укажуваат на притисок врз нивното работење од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните поддржувачи, се додава во соопштението.

Од Владата посочуваат дека во Извештајот се констатира оти работата на невладините организации е слободнa и безбеднa со сериозни промени за разлика од периодот до 2017 година, како и дека „Фридом Хаус“ нотира раст на бројот на критички и независни медиуми, особено на онлајн платформите.

– За делот на извештајот кој регистрира дека новинарите работат во услови на политички притисок и дека се констатирани напади врз новинарите, треба да се истакне дека во последните години за овие инциденти се спроведува итна постапка и дека редовно институционално се процесуираат сите предмети за физички или вербален напад врз медиумските работници, се додава во соопштението на владината Прес-служба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.