Амбасадор и Постојан претставник на Република Македонија при ООН во Њујорк Љубомир Данаилов Фрчкоски ги предаде акредитивните писма на генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш.

Aмбасадорот Фрчкоски на разговорот со генералниот секретар на ООН информира за најважните стратешките приоритети во надворешната политика на Македонија и моменталната состојба со интегративниот процес на земјата, посебно по потпишувањето на Преспанскиот договор. Ги реафирмира генералните македонски позиции на поддршка на работата на ООН и на генсек на ООН, како и вкупните наши активности во работата на Организацијата.

Генералниот секретар на ООН уште еднаш оддаде признание за подготвеноста и покажата политичка волја на Владата на Македонија низ дијалог и компромис да ги решава најкомплицираните и најсензитивните билатерални проблеми, во интерес на своите национални приоритети, но и за стабилноста и развојот на регионот, за тоа посебно акцентирајќи го Преспанскиот договор.

Генералниот секретар Гутереш, исто така, го истакна и досегашниот придонес на земјата како активен субјект во работата на ООН и степенот на остварената соработка со телата, органите и агенциите на ООН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.