„Макрон кажа „не“, а на Балканот една влада веќе се распаѓа: Ако на Европа и требаше доказ дека се уште има политичко влијание во светот, во моментов може да го најде во Скопје“, помалку иронично коментира на почетокот на анализата германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг, пренесува Дојче веле.

Откако францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на Европската унија минатата недела го спречи почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, беа потребни само 48 часа за владата во С. Македонија да го најави својот брз крај.“

Авторот на анализата во најголем дел се занимава со иднината, и судбината, на Преспанскиот договор. Објаснувајќи дека етничките Македонци се уште со одбивност гледаат кон промената на името, ФАЦ пишува дека резултатите од предвремените избори можат да влијаат врз Договорот и односите со Грција.

Во најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која лавира меѓу национализам, популизам и патриотизам нема да најдете политичар кој отворено ја доведува во прашање ЕУ како крајна цел. (…) Партијата е остро против промената на името, но и натаму тврди дека се залага за членство во ЕУ. До денес нема недвосмислена изјава за нешто поинакво од шефот на ВМРО, Христијан Мицкоски. Но доколку се погледне подетално, работите изгледаат поинаку“, забележува ФАЦ.

„Држава наречена Северна Македонија не постои во политичката реторика на ВМРО – или ако постои, тогаш само како навредлив збор. Мицкоски и неговите сопартијци зборуваат само за Македонија. Дури и постерите или транспарентите на партијата го познаваат само старото државно име. Антонио Милошоски, водечки политичар на ВМРО и македонски министер за надворешни работи од 2006 до 2011 година, го сумира ставот на неговата партија: ‘Нашите граѓани ја нарекуваат својата земја Македонија и ќе продолжат да ја нарекуваат така како што историски се навикнати и во согласност со нивното право на слобода на изразување. Наметнати решенија нема да ја променат волјата на народот’“, пишува ФАЦ.

Гаранција за влошени односи со Атина

Доколку ВМРО успее да ја преземе власта по изборите во април, овој став би бил гаранција за влошување на односите со Грција“, наведува весникот, објаснувајќи дека Преспанскиот договор, иако потпишан, се уште не е целосно спроведен.

Како пример за тоа, авторот на ФАЦ ги наведува и трговските марки кои треба да се прилагодат кон новата терминологија. Конкретно, македонското вино, за кое и грчките и македонските винари инсистираат дека имаат право да го продаваат како „македонско”.

Од една влада предводена од ВМРО тешко може да се очекува дека ќе се залага за спроведување на вакви и други детали од договорот, кој и онака го отфрла. Тоа пак, од друга страна, ќе предизвика реакција кај грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис… кој веќе се изјасни дека не би го потпишал Преспанскиот договор, но ќе го почитува. (…) Во секој случај еден премиер во Скопје кој консеквентно би го користел старото државно име, во Атина ќе предизвика реакции“, забележува ФАЦ.

Проблем за ВМРО-ДПМНЕ, пишува натаму германскиот весник, ќе биде да најде и коалициски партнер.

Сепак, далеку е од сигурно дека ќе има промена на власта во Северна Македонија. Затоа што дури и ако ВМРО пак стане најсилна партија, останува прашањето каде ќе најде коалициски партнер. Ќе биде интересно да се видат првите анкети на јавното мислење по Макроновото „Не“. Актуелниот премиер Заев се претставува како оптимист. Тој верува дека граѓаните на 12 април ќе донесат ’мудра одлука’“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.