Франција уште еднаш ѝ рече НЕ на Македонија. Францускиот претседател Емануел Макрон, во мал дел од своето обраќање, се задржа и на ставот на Франција кон проширувањето на Европската унија, особено коментирајќи ја положбата на Албанија и Македониjа. Според негово мислење, прерано е да се започнат преговори со двете земји, иако се согласува дека тие постигнале значаен напредок во домашните реформи. Макрон ги поздрави реформите, но сепак „ЕУ не е подготвена во тесната европска куќичка да кани нови членки, другари и другарки“.

Ја споделувам истата геополитичка и стратешка визија со германската канцеларка. Сакам да испратам позитивен сигнал до овие лидери, но сериозно погледнато, сега јас морам да им порачам: Овојпат нам ни е потребно малку повеќе време за да ги средиме работите, рече Макрон.

Иако Советот на министри на земјите-членки на ЕУ не постигна едногласна одлука за датум за Македонија и Албанија, премиерот Заев од Виена вчера изјави дека сè уште има надеж за позитивна одлука од Европскиот совет. Во спротивно, вели тој владата во Скопје ќе биде мртва!

Доколку овој четврток и петок одлуката биде НЕ или доколку има ново одложување, в среда нашата влада ќе биде мртва, зборувам јавно за ова, рече Заев.

Со зборовите “Владата ќе биде мртва“ премиерот подразбира губење на парламентарното мнозинство во Собранието кое гласаше за менување на името на државата и Уставот со ветување и надеж дека ЕУ ќе даде датум за старт на преговорите.

Им ветивме на пратениците, им рековме да гласаат за промена на името, за промена на уставот, за прифаќање на договорите со Бугарија и Грција, затоа што ЕУ ни вети дека ќе испорача датум за преговори, а не за веднаш да станеме членка. Во оваа насока верувам дека ќе водат сметка да не им дадат простор на трети страни, и да не дозволат да се врати радикалниот национализам во земјата – предупреди Заев, кој додаде дека чекува нова информација од вечерашната средба меѓу Меркел и Макрон.

Коментирајќи го вчерашниот министерски состанок во Луксембург, Заев изрази жалење што министрите на ЕУ „немале доволно храброст да донесат одлука и да ја одржат мотивацијата кај Македонија и Албанија“.

Во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“ во јуни годинава премиерот ги повика земјите-членки на ЕУ да преземат одговорност и да испорачаат датум за преговори, а во случај да не се додели датумот за преговори, тој објасни дека ќе биде обвинет дека ги излажал пратениците дека гласањето за Преспанскиот договор значи отворање на вратите на ЕУ.

Кажав дека ако го смениме името, ако одржуваме добри односи со Грција, со Бугарија, дека ако се прават сите реформи, Европа ќе си ги исполни ветувањата. Ако тоа не биде случај, нормално е да се преземе одговорност, нема да чекам опозицијата или Собранието да направи нешто, ќе преземам одговорност и ќе го вратам мојот мандат, рече Заев во интервјуто за „Ле Соар“ пред четири месеци.

Ако зборот важи, како што гласи еден од слоганите на СДСМ, францускотото одбивање на Македонија треба да предизвика пад на владата, а премиерот да го испорача ветувањето и да си даде оставка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.