Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во полицискиот центар „Ѓорче Петров“ присуствуваше на официјализирање на формирањето на новата организациона единица при СВР Скопје – Единицата за интервентна полиција. Станува збор за единица која што настанува со спојување на досегашните единици – за јавен ред и мир, за асистенции и спровод и на „алфите“.

Структуирана врз основа на проценетите потреби на СВР Скопје, но и врз основа на практиките на истородните полициски единици во земјите од ЕУ, Единицата, односно нејзините припадници ќе бидат фокусирани на остварување на работни задачи во посеопфатно и потемелно одржување на јавниот ред и мир, пред сѐ во делот на ефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал, особено кога е во прашање лоцирањето, справувањето и лишувањето од слобода на опасни, вооружени лица, истакна министерот Спасовски.

Единицата за интервентна полиција ќе биде поддршка и на другите организациони единици во рамки на СВР Скопје, а еден од приоритетите во нејзиното функционирање ќе биде континуираната обука и едукација на нејзините припадници, во насока на воспоставување на сите потребни професионални стандарди, вештини и знаења, со што се очекува евидентно подобрување на севкупните резултати. Нејзините припадници, покрај професионалниот пристап, ќе се препознаваат и по новите специјални униформи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.