Луксузна хациенда на Скопска Црна Гора, во викенд-населбата Побожје, ќе гради семејството на Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар во Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмите за работа на Владата.

Како што објави Алсат, инвеститори на објектот се две малолетни деца на Рашковски.

Во репортажата на Алсат од терен се опишува дека плацот, на површина од неколку илјади квадрати, е веќе израмнет, дрвјата во околината се исечени и се забележани два багера.

На плацот, според имотниот лист, постоела викенд-куќа од околу 60 квадратни метри, а сега просторот е израмнет. Според проектот, новиот објект би бил над осумстотини квадратни метри нето-површина.

Големиот градежен зафат предвидува објект за домување, базен, фитнес-сала, соба за билјард и разни други погодности.

Рашковски во Побожје поседувал 11 илјади кавадратни метри земјоделско земјиште. Го впишал во анкетниот лист по изборите лани. Но, овој имот го нема во неговиот претходен анкетен лист, кога дојде на функцијата генерален секретар на Владата. Го купил потоа, за речиси 100 илјади евра. Колку заработува, а колку троши, истражува и Антикорупциската комисија.

„Доколку ние утврдиме разлика во имотот што е пријавен и месечните примања што ги има, таков е нашиот Закон, одиме чекор понатаму за испитување на имотот и тогаш се вклучуваат и други институции“, вели првиот човек на Антикорупциска.

Од Алсат посочуваат дека побарале, но не добиле став од Рашковски за луксузната вила.

Во Општина Чучер Сандево од Секторот урбанизам потврдиле дека до нив пристигнало барање за дозвола за градење на име на децата на Рашковски. Документот пристигнал вчера и е заведен во архива.

Од Општината објасниле дека за хациендата од над 800 квадратни метри Рашковски ќе треба да платат по 10 евра за квадрат или над осум илјади евра за комуналии. Иако просторот се водел како земјоделско земјиште, се наоѓал во викенд-населбата и со барањето за градба, велат од Општината, добил статус на градежно земјиште.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.