Два хеликоптери, кои ќе бидат обезбедени преку јавно-приватно партнерство, ќе даваат услуги во итни потреби како здравствени услуги, пожари, планинарски несреќи и други потреби на поедници. Од Владата информираа дека хеликоптерите ќе бидат обезбедени шест месеци по потпишување на договорот.

Станува збор за Хеликоптерскиот итен медицински систем (ХЕМС) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување (САР) која што ќе ги води фирма од Скопје, што била избрана на јавен повик. Како што објасни премиерот Заев, Владата одлучила да склучи договор со фирмата САРХЕМС ДООЕЛ, која била избрана на јавен повик, а соработува со скандинавски компании.

Тоа се приватни компании кои своите услуги ги наплаќаат преку осигурителни компании, а по 8 години хелокоптерите остануваат во државата. Фирмата за услугите ќе наплаќа на државата, а истовремено ќе треба да плаќа одредена сума во државниот буџет како надомест за јавно-приватното партнерство што ќе достигне околу 10.000 евра, рече премиерот Заев.

Компанијата САРХЕМС, која на Владата и става на располагања два хеликоптера за давање на итна медицинска помош и спасување на лица до тешко пристапни терени, е единствената компанија која се пријавила на владиниот оглас. Формирана е истиот месец кога Владата го распишала огласот за јавно приватно партнерство. Според јавните податоци САРХЕМС е основана на 5 август, а владиниот оглас, преку Генералниот секретаријат е објавен на 29 истиот месец. Во земјава нејзин сопственик и управител е запишан Саша Џаковиќ.

Според податоците од Централен регистар фирмата е основана со 5000 евра влог со дејност за „патнички воздухопловен транспорт“.

Нема детално објаснување од надлежните за принципот на кој ќе функционираат хеликоптерите, од каков тип се, каде ќе слетуваат, на кој принцип ќе биде тоа, како и други детали од договорот за Јавното приватно партнерство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.