Вистина е дека утринава имавме претрес во дом во Скопје, но не сме знаеле дека тоа е домот на таткото на пратеникот Јован Јаулески, велат за „Слободен печат” од Управата за финансова полиција.

Претресот е извршен со наредба од суд, а во соработка со Обвинителството, велат од финансова за порталот.

Предмалку беше испратено и официјално соопштение од Управата за финансиска полиција, во кое се вели дека „претресот не е извршен во домот на пратеникот Јован Јаулески, ниту, пак, кај некој друг претставник на политичка партија, туку се однесува на вработени ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје и бара Управата да не се злоупотребува за политички цели“.

Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје, истакнуваат од Управата во пишано соопштение до медиумите.

Нагласуваат дека Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.

Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН Електрани ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела, соопшти Управата за финансиска полиција.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Струга Јован Јаулески утрово информира дека четворица припадници на Финансиската полиција упаднале во неговиот дом за да вршат претрес.

Во интервал од половина час од 5.30 до 6 часото утрово, пак, Финансиската полиција упаднала и во домовите на високи партиски функционери и истакнати членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, дознава „Република“.

Повеќе ТУКА  

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.