Министерот за здравство Венко Филипче, денеска беше во работна посета на Клиничката болница во Штип и Општата болница во Струмица, каде заедно со директорите и вработените разговараа за предизвиците кои произлегуваат од зголемениот наплив на пациенти заболени од ковид-19.

Во изјава за медиумите, министерот Филипче од Струмица потенцираше дека болниците се преполнуваат. Во Скопје постепено се пополнува и модуларното одделение, а се прават припреми за болницата во Козле и дополнителни капацитети за Градската општа болница „8 Септември“. Во однос на штипската болница, во целосна координација и комуникација за префрлување на пациенти во болницата во Кочани.

Во Струмица разговаравме за тоа како да се надополни кадарот, пред се во делот на колегите од интерната медицина, физички сместени пациентите и во одделението за инфективни болести, но и тука во самата зграда. И денеска разговаравме за постепено да се припреми новото крило коешто е целото опремено, снабдено со болнички кревети, со централен довод на кислород. За неколку денови може да биде ставено во функција. Таму има капацитет од 100тина кревети, но кадарот треба да се распредели соодветно за да барем еден дел од пациентите бидат лекувани таму. Притисокот е навистина голем. Искрено се надевам дека мерките кои ги препорачавме, ќе придонесат да се намали трансмисијата на вирусот. Гледаме што се случува во целиот регион, во цела Европа, се преполнуваат болничките капацитети, тоа што сите сакаме да избегнеме, истакна министерот Филипче и додаде дека на состанокот на министри за здравство од регионот во рамки на Берлинскиот процес кој се одржа пред два дена се разговарало за да се избегнат целосните ограничувања.

Тој потенцираше дека мерките коишто се сега на сила имаат за цел да лимитираат некаква форма на полициски час, понатаму лимитирање на бројот на контакти, носење на маски, избегнување на групирањето – сето тоа што може да значи намалување на трансмисија на вирусот.

На новинарско прашање, директорот на струмичката болница д-р Наке Гогов потенцираше дека првиот спрат од новиот крак на болницата поради потребата и итноста се пренаменува како ковид центар.

Во новиот крак во установата, условите ќе бидат подобри и ќе бидат сместени пациентите на кои им е потребно лекување, а персоналот ќе ни биде потребен и ќе се ротира персонал од другите специјалности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.