Од вчера почна тестирањето во шест пунктови (во поликлиниките Јане Сандански, Ѓорче Петров, Чаир, Ченто, Бит Пазар и Млин Балкан) со брзите тестови во Здравствениот дом Скопје. Има соодветен систем за закажување преку матични лекари заради тоа што брзите тестови имаат своја индикација односно може со нив да се тестираат пациенти кои се во рамките на пет дена од почетокот на симптомите, ако се поминати тие денови се прави класично ПЦР тестирање, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по посетата на пунктот за брзи тестови во поликлиниката „Јане Сандански“.

Тој посочи дека дневно се прават од 300 до 500 брзи тестови според динамиката на тестирање и распоред кој го прави Здравствениот дом. Брзите тестови, појасни, се распределени во сите болнички установи каде се примаат пациенти,а ќе бидат дистрибуирани и во други центри за јавно здравје во државата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека ги зголемиле термините за ПЦР тестови, меѓутоа ова е еден дополнителен инструмент, заради тоа што веднаше се добива резултатот.

Нешто што е новина насекаде во светот е тоа што многу е олеснето функционирањето во болниците, бидејќи имате тест за 15 минути. Има некои индикации кога треба да се повтори со ПЦР тестирање ако пациентот има негативен брз тест, а има симптоми кои укажуваат на болест предизвикана од коронавирусот. Тоа е причина да се направи и ПЦР тестирање ако тој брз тест е негативен. Со тоа значајно се олеснува пристапот. Како ќе ги зголемуваме термините мислам дека тестирањето повеќе нема да биде проблем, додаде Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.