Болничките капацитети забрзано се исполнуваат. Се преполнија некои болници. Нема слободни болнички кревети во повеќе инфективни одделенија во државата, во болницата во Куманово, Штип, Струмица. Почна да се полни одделението во Кавадарци и во Гостивар. Во Прилеп и Битола се менаџира меѓу двата центри. Во Охрид добро се менаџира бројот на хоспитализации и тука има слободни болнички кревети. Од денеска се сместени пациенти во модуларната болница кај Инфективната клиника. Болничките капацитети се еден од главните параметри. Ако оцениме дека овие капацитети кои се димензионирани да бидат резерва се исполнуваат, тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час.

Ова вечерва го соопшти министерот за здравство Венко Филипче во вестите на „Канал 5“ телевизија, при што информираше за состојбата со болничките капацитети.

Филипче истакна дека нашата земја ги следи препораките на Светската здравствена организација.

Мерките за заштита од Ковид-19 мора итно да се донесат. Апелирам до сите пратеници да покажат одговорност и да ги изгласаат промените во Законот за заштита на населението од заразни болести што поскоро. Да се покаже единство, нека се донесе законот едногласно, за да се покаже колку е важно за сите граѓани почитувањето на заштитните мерки – изјави Филипче.

Тој додаде дека пред нас е најризичниот период од неколку месеци, есенски и зимски месеци во кои, како што нагласи, може да се комплицира епидемиската ситуација во земјата и со дополнителен број на случаи од други заболувања, сезонски грип и настинки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.