Министерот за здравство, Венко Филипче, вечерва соопшти дека поднел оставка од функцијата. Јавноста беше се погласна во барањето Филипче да замине од фотелјата во ова министерство, откако на 8 септември загинаа 14 лица во пожар во модуларниот ковид центар во Тетово. Како причина за ставката Филипче ја наведува моралната одговорност за катастрофата која се случи. Тој првично најави дека нема да поднесе оставка додека не заврши истрагата за пожарот, а дури потоа ќе донесе одлука дали ќе се повлече од функција или не. Но се чини притисокот од јавноста беше преголем, па Филипче после еден ден ја промени својата одлука.

-Пред годинаипол го регистриравме првиот ковид случај во нашата земја. Го паметам тој ден, имавме две пресконференции од оваа иста говорница. Од тој ден до денес секогаш пред граѓаните стоев отворено и транспарентно, соопштувајќи ги сите и добри и лоши вести. Никогаш не бегав од критика, никогаш не останав должен одговор, никогаш не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки кои ги донесовме беа со една единствена цел, а тоа е да се заштити здравјето на граѓаните. Последната рагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите. Сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови кои можат тоа да го опишат, ниту пак начин како да се надомести загубата. Почитувани, како лекар и министер имам интегритет, затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев, рече Филипче.

Понатаму тој се заблагодари на сите кои му верувале и поддржувале во работата, одговорните задачи и предизвиците со кои се соочувал.

-На крај сакам посебно да се заблагодарам на претставниците на медиумите за нивната транспарентност, посветеност и поддршката што ја добивав во најтешките моменти во борба со пандемијата – додаде Филипче.

Денеска оставка поднесоа и заменик министерот за здравство Илир Хасани, директорот на тетовската клиника, Флорим Бесими и економскиот директор Артан Етеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.