Министерот за здравство Венко Филипче побарал од поглаварите на Исламската верска заедница (ИВЗ) и на Македонската православна црква (МПЦ) да се придружуваат до мерките за заштита од коронавирусот за да не се вратиме на почеток од корона кризата во Македонија. Вчера во Струга, на литијата Струга граѓани масовно се собраа, не држеа дистанца и не носеа маски. ИВЗ на вонреден состанок вчера одлучи џамиите да се отворат за молитви за верниците на 12 мај.

Сакам да повторам дека сѐ уште се на сила мерките за забрана на групирање на повеќе од две лица. Вчерашното собирање на луѓето во Струга е најгрубо кршење на мерката. Разговарав и со реисот за неговата најава за отворање на џамиите на 12 мај. Секое непочитување на мерките ќе нѐ врати на почеток на кризата. Во однос на нивниот одговор, оставивме простор да разговараме повторно во текот на денот, изјави Филипче.

На новинарско прашање дали ќе ја санкционира ИВЗ за најавата, тој рече дека апсолутно ги повикува сите институции да утврдат дали се почитуваат правилата, без разлика кој го организира собирот.

Во однос на Струга, министерот кажа дека ќе се следи будно ситуацијата, но вчерашното групирање на верниците не може да влијае на плановите за олеснување на рестриктивните мерки.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.