Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека е очигледно дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на корона вирусот и додаде дека е многу веројатно дека делта сојот нема да биде последниот сој на овој вирус.

Филипче информира дека има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент, според него, нема притисок ниту во болниците, ниту во амбулантите.

Околу 15 пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. Будно ја пратиме состојбата. И покрај тоа што е сега прилично мирно, можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата – изјави Филипче.

Според него, едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза на вакцини. Во зависност од моменталната состојба, вели тој, ќе разговараат за евентуални рестриктивни мерки прво насочени кон оние кои не се вакцинирани.

Затоа што нема потреба да им создаваме дополнителен ризик на луѓето кои се вакцинирани, знаејќи дека тоа е единствениот начин ние нормално да функционираме и животите да ги вратиме назад. Очигледно е дека кризата продолжува. Може да трае и повеќе години. Така да, ставаме акцент на вакцинацијата – изјави Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.