Кај нас ситуацијата е прилично стабилна, на тоа упатува малиот број на новодијагностицирани случаи, малиот број на пациенти кои се јавуваат во болница за прием, а во исто време има и мал број на прегледи во болница за прием и мал прием на преглед во болниците. Тоа е нешто што го комуницираме на дневна основа, изјави министерот за здравство Венко Филипче денеска по одбележувањето на Светскиот ден на крводарителството во организација на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина.

Филипче најави дека во оваа ситуација, во овој следен период што е пред нас, како што рече, не планираат никаква рестрикција, ниту дополнителни мерки поради тоа што не гледаат некаков ризик.

Но, морам да потенцирам, будно ја пратиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот. Продолжуваме со овие мерки и продолжуваме да ја пратиме ситуацијата, изјави меѓу другото Филипче.

Во однос на индискиот сој, истакна министерот Филипче, нема сè уште прецизни податоци.

Сè уште нема доволни испитувања каде било во светот за да знаеме точно каков е ризикот за заболување, дали лицата коишто се вакцинираат имаат ризик да заболат. Тоа што досега се знае е дека ризикот да заболат лицата кои се вакцинирани е навистина мал. Но, во исто време и дека вакцината штити од тешка форма на болест од смртност дури и кај оваа форма на вирусот. Има некои публикации сега, излегуваат и некои други од западноевропските земји, меѓутоа, се уште е рано да со сигурност се тврди нешто во врска со ова прашање, појасни тој.

Уште еднаш повтори дека во овој временски период нема дополнително да препорачаат рестрикција за да се спречи евентуално ширење на индискиот сој, во моментот имаат информации дека само две земји Велика Британија која што ги успори процесите на олабавување на мерките и Португалија која што е единствена земја која што има некаква дополнителна рестрикција. Сите други, потенцира, вклучувајќи ги и сите земји кај нас во регионот одат кон попуштање на рестриктивните мерки.

Се осврна и на тоа дека минатата недела во рамки на Берлинскиот процес, имале состанок на министрите на сите земјите од Западен Балкан, на кој се дискутирало дека епидемиплошката ситуација спласнува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.