Не станува збор ниту за нова градба, ниту за капацитет каков што ние планираме да изградиме, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во врска со обвинувањата што вчера ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека во Србија се гради Клинички центар кој ќе чини многу помалку отколку оној што се планира во земјава.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече во Србија станува збор за зграда на Клиничкиот центар изградена пред повеќе од 20-тина години, која властите одлучиле да ја реновираат и опремат.

Не може да ги споредуваме тие работи. Јасно стои во физибилити студијата што значи висока комплексност на болница и колку чини квадратен метар, нагласи Филипче.

Ја повика опозицијата да прифати да дискутира за овој проект, додавајќи дека доколку имаат некој сериозен контра аргумент, тој ќе биде прифатен.

Мислам дека треба да се охрабрат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и да излеземе и да дискутураме. Ако има некоја сериозна контра аргументација, сериозно сме подготвени да ја прифатиме. Ние дури прифативме и опизицијата да биде таа што ќе го води проектот. Мислам дека конечно граѓаните треба добијат придобивка од консензусот на сите политички чинители посебно за едно вакво прашање, рече Филипче.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на гостувањето на телевизија „Сител“ рече дека во Србија се гради ист клинички центар кој чини 125 милиони евра, а не пола милијарда евра како што се планира во земјава.

Овој документ што го држам во рака е за новиот Клинички центар кои што практично во септември треба да се изгради во Србија, а веќе се гради, и овој Клинички центар кој што е идентичен на нашиот со 1.000 болнички кревети и други работи чини, верувале или не, 125 милиони евра или четири пати помалку од оној клинички центар што планираат СДСМ и Зоран Заев да го изградат, изјави Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.