Овие средби не се почеток на кампања, овие средби се за да го слушнеме гласот на граѓаните, да видиме што мислите, да го споделиме информации, затоа што така сакаме да креираме и да ги водиме политиките, инклузивно, да слушнеме кои се проблемите и предизвиците со кои граѓаните се соочуваат и заедно да најдеме решенија, порача во Охрид на трибината на СДСМ, потпретседателот на партијата, Венко Филипче.

„Минатата година се соочивме со криза, која никој никаде во светот не ја очекувал ниту знаеше како да ја менаџира, но со тимска и пожртвувана работа, како одговорна и транспарентна власт не дозволивме ниту еден пациент да остане без соодветно болничко лекување…Сега сме соочени со еден голем предизвик а тоа е масовната вакцинација, апелирам сите да се вакцинирате, потребна ние е здрава нација, здрави граѓани, потребно ни е здравството да може да се занимава со други работи, освен со пандемијатa“, истакна Филипче.

Филипче рече дека се зголемиле платите на специјалистите и  медицинските сестри и дека е решен проблемот со едукација на медицинските сестри, на кои од септември ќе им биде признаено и платено образованите.

„Охрид доби најсовремен центар за деца со аутизам, кој стана  регионален, каде овие деца добиваат најсовремена здравствена заштита, изградивме модуларна болница, во која во екот на пандемијата имаше и 100 пациенти“, посочи Филипче.

Тој најави дека следната недела во охридската болница ќе стигне нов дигитален рендген апарат, нов ехо апарат, репариран е ангиографот, а стигнува уште еден, бидејќи Охрид е препознаен за најсовремен третман на кардиолошки болни.

„Во среда се отвора базен во костозголбната болница, каде се вршат најкомплексни ортопедски интервенции, а до крајот на годината, со заемот од Светска банка, која ВМРО-ДПМНЕ го блокираше ќе се опреми новата интервенции болница и ќе биде ставена во функција. Вака ги креираме политиките, ги препознаваме вистинските проблеми ги  решаваме напластените проблеми“, рече Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.