По состанок со директорите на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски и Фатон Ахмети, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита д-р Љубиша Каранфиловски и претставници на Здружението на медицинските сестри, техничари и акушерки, министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека од септември годинава сите медицински сестри и техничари коишто завршиле високо медицинско школо или специјализација и се стекнале со такво образование од 180 односно 240 кредити ќе добијат соодветен надомест за своето образование.

На состанокот е постигнато решение за проблемот со кој се соочуваат медицинските сестри и техничари вработени во јавно-здравствените установи од 2015 година. Конкретно, направен е анекс на Колективниот договор согласно Законот за здравствена заштита и начинот на којшто се одредува висината на платата.

Станува збор за надоместот за образование на медицинските сестри и техничари коишто завршиле високо школо или специјализација и се стекнале со образование од 180 односно 240 кредити, а до сега тоа образование не им беше платено. Во 2015 година е направен пресек со донесувањето на одлука да се платат само специјализации односно високите школи на тие што до тогаш завршиле и сите медицински сестри и техничари коишто инвестирале во своето образование од 2015 натаму тоа неможе да го валоризираат преку својата плата.

Според претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита д-р Љубиша Каранфиловски, кадровските ресурси се најважниот потенцијал во здравството и нивното добро менаџирање и препознавање е основа за успешен здравствен систем.

Каранфиловски појанси дека европските директиви во здравството се во насока на признавање на високото стручно образование на медицинските сестри и техничари и оти нивната препорака е да тој сооднос во здравствените системи се движи 50-50 проценти, 50 проценти на високо стручно образование со 50 проценти средно образование.

Во нашиот здравствен систем тој сооднос е се уште многу понизок со тоа што негде околу 23 проценти се сестри со високо образовани и техничари со високо стручно образование па се надеваме дека со ваквиот пристап, со овој додаток на образование којшто значи дека вработените ќе ја земат разликата меѓу коефициентот од средно до високо стручно образование ќе значи нивно препознавање во здравствениот систем – изјави Каранфиловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.