Епидемијата е под контрола, сите новозаразени се со лесна клиничка слика, изјави попладнево Венко Филипче, министерот за здравство.

Точно се знаат контактите и кластерите на над 70 отсто од контактите на овие семејства и кластерите во Чаир, Гази Баба, Сарај и Студеничани. Се работи за асимптоматски случаи и епидемијата е под контрола. Добар дел од пациентите се со лесни симптоми и остануваат дома, Здравствениот систем и со овој бран добро ќе се справи, имаме и капацитети и кадар. Засега нема да има промена на мерките, но кон крајот на неделата, откако ќе ги добиеме резултатите и од наредните 2-3 дена, ќе разговараме за можното повторно воведување на полицискиот час локално, во некои региони, изјави Филипче.

Филипче најави дека и во наредните 2-3 дена сликата со бројот на новозаболени ќе биде слична, а промена очекува во текот на претстојниот викенд.

И понатаму, вели Филипче, еден од главните проблеми со кои се соочуваат здравствените работници, епидемиолозите, е одбивањето на граѓаните да се анкетираат. „Има една генерална недоверба и со помош на МВР тоа се анулира, но сѐ уште има поединечни примери кога граѓаните не сакаат да соработуваат.“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.