Министерот за здравство Венко Филипче денеска донел решение за формирање Комисија за вршење на надзор на стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката Ј.В, информираат од Министерството за здравство.

Комисијата која е составена по барање на министерот, има пет члена и има задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката.

За извршениот надзор Комисијата во рок од 8 дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа треба да достави извештај до Министерството, додаваат од МЗ.

Министерот Филипче бара од Комисијата, извештајот задолжително да содржи констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита.

Членовите на Комисијата формирана од Филипче, треба да дадат стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пацинетот и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или прпопусти и рокови за нивно отстранување.

Родилката Јилдиз Веаповска остана без матка, бубрег и јајник при пораѓање со царски рез во болницата во Струга. Стручниот наод на Лекарската комора констатира дека нема лекарски пропуст од страна на д-р Мухамед Асани, кој е и директор и гинеколог во болницата во Струга.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.