Наместо да работиме на истрагите кои претходно ги отворивме во СЈО ние станавме архивари и магационери, бидејќи овие предмети сега се чуваат во кутии во зградата на специјалното јавно обвинителство – истакна денеска обвинителката Фатиме Фетаи пред влезот на Кривичниот суд каде што треба да има ново рочиште за „Монструм“.

Фетаи нагласи дека институциите со брзина на светлината работеле да ги испитаат наводите во врска со земените бонуси на специјалните јавни обвинители.

Се ќе беше поинаку ако со истата брзина институциите постапуваа во текот на сите постапки – рече Фетаи.

Специјалните јавни обвинители работеа месечно за плата од 1.200 евра која е соодветна на платата која им се дава на лицата на оваа функција каде било во светот – нагласи Фетаи.

Во врска со бонусите Фетаи посочи дека тоа се пари за кои претходно се зборувало и на прес-конференциите јавно, како и дека сето тоа е опфатено со Законот за Специјално јавно обвинителство кој беше донесен со формирањето на СЈО.Таа појасни дека износите кој колкава сума ќе добие ги одредувала специјалната обвинителка Катица Јанева, а тоа било согласно законот за СЈО.

За вчерашниот влез на истражителите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во СЈО, Фетаи појасни дека воопшто не се работи за упад на обвинителите, ниту за претрес, туку за обезбедување на документација која била побарана од Обвинителството.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.