На барање на одбраната, судијата Душко Јосифовски го одложи завршниот збор на второобвинетиот Миле Јанакиески во процесот за настаните пред Општина Центар од 2013 година за 28 септември.

Адвокатите на Јанакиески потенцираа дека се работи за целиосно нов обвинителен акт, кој мора прво да го видат и врз основа на тоа да ја подготват одбраната. Одбраната смета дека обвинителниот акт, кој го презентираше обвинителката Фатиме Фетаи, во најголема мера се базира на сведочењето на Томислав Лазаров, кој ја призна вината во овој случај.

Фетаи, пак, смета дека ништо суштински не е изменето, но всушност постојат доста големи разлики и измени.

Имено, претходно Обвинителството се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски. Фетаи на денешното рочиште го прочита, како што го вели, прочистеното обвинение, според кое првообвинетиот Никола Груевски на 1 јуни 2013 година телефонски од второобвинетиот Миле Јанакиески побарал преку лицето Томислав Лазаров да организира група луѓе од централните комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

Адвокатите од одбраната реагираа дека се прави повреда на постапката со продолжувавање на завршни зборови, по суштинска измена на обвинителен акт и бараа тоа да биде ставено на записник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.