Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оствари средби со шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Клеменс Која и амбасадорот на Финска, Кимо Лахдевирта, на кои било разговарано за актуелната политичка состојба во државата, проблемите со кои се соочува државата, но и за претстојните парламентарни избори во Република Македонија.

На средбата со шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија ја истакнав важноста на претстојните избори за иднината на државата, пред се потенцирав дека за македонската европска перспектива клучно е истите да поминат во фер и демократска атмосфера за граѓаните слободно да можат да ја изразат својата волја и незадоволство од политиките на власта, пишува во соопштението објавено на Фејсбук профилот на Мицкоски.

Тој соопштува дека на соговорниците им ги посочил криминалот како еден од клучните проблеми со кои се соочува државата, како и големиот број на случаи на висока корупција во највисоките ешалони на власта кои се уште немаат правна разрешница.

При средбата со финскиот амбасадор ги посочив одличните односи помеѓу двете држави, но притоа потенцирав дека соработката помеѓу Македонија и Финска може и натаму да се продлабочува, особено на полето на трговската размена и инвестициите. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе работи токму во насока на подобрување на економската соработка помеѓу двете држави. Се согласивме дека европската иднина на Македонија е од стратешки интерес за државата, а соработката на ВМРО-ДПМНЕ со европските партнери држави и организации е од клучно значење, пишува Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.