Господине Чулев, на сила во моментов е одлуката за ограничување на движењето за одредени општини која трае 80 часа, каков е вашиот став по ова прашање?

Чулев: Одлуките кои ги носи Владата се однесуваат на ограничување на движењето на граѓаните и тие се дел од мерките насочени кон справување со коронавирусот. Искуството на Министерството за внатрешни работи на терен изминатиот период покажа дека граѓаните генерално ги почитуваат овие мерки и тоа е факт кој што го покажува статистиката. Но, јас во неколку наврати потенцирав дека одлуките се носат со недоволни аргументи и се базираат повеќе на политика, отколку на реални факти. Тоа особено беше видливо од моментот кога прашањето за одржување на парламентарни избори стана актуелно во јавноста. Политичкото влијание врз работата на Комисијата за заразни болести чии одлуки Владата генерално ги прифаќа, за жал имаат големо и сериозно влијание на денешната состојба во која се наоѓа нашата држава, а поврзана со пандемијата од Ковид 19.

Мојот личен впечаток е дека одредени политичари, веројатно брзајќи што побрзо да организираат избори, заборавија на здравјето на граѓаните. И таквото однесување не доведе до таму каде што сме денес. Последната одлука со која се ограничува движењето овој викенд, но и многу претходни имаат сериозни мани и недостатоци, но таа одлука е донесена од страна на Владата и како и сите други одлуки Министерството за внатрешни работи има обврска да ги спроведе, а граѓаните тие треба да ги почитуваат. Во контекст на денешниот празник, јас вчера на мојата фејсбук страна објавив статус каде напишав дека дисциплинираноста и одговорноста се карактеристики на големите луѓе и јас сум сигурен дека пред нас е време кога ќе можеме многу посигурно и побезбедно да ги одбележуваме убавите моменти, но и да изразуваме почит на оние кои не се помеѓу нас.

Во изминатиот период Ве обвинија дека имате вина за бројот на лица кај кои е потврдено присуство на вирусот, каков е вашиот став за ова прашање?

Чулев: Изминатиот период се воздржував често да коментирам на оваа тема, затоа што сметам дека темите на кои јас треба да говорам се теми од интерес на граѓаните, а ниските дневни политички провокации се далеку од тоа. Тие се доказ дека неуспешните и неефикасни политики во справувањето со кризата Владата настојува да ги прикрие со тоа што одговорноста ја префрла врз мене како единствен претставник на опозицијата.

Истовремено, политизараноста на Министерството за внатрешни работи е толку голема, што директорот на Бирото за јавна безбедност во јавноста дава политички изјави кои се напишани во штабот кој е сместен на неколку метри од неговата канцеларија, а кои воопшто не кореспондираат со реалната ситуација.

Дополнителен аргумент дека ова се само обвинувања насочени кон мене, а  кои имаа политичка позадина се и бројните телеграми испратени од директорот и дополнителниот заменик на министерот со кои на припадниците на Министерството им се укажува дека командата ја има директорот и им се врши притисок да не ги почитуваат актите и одлуките кои во законска постапка ги носи министерот.

Обвинувањата за жал се одраз на фактот дека во услови на пандемија исправени пред предизвикот да го заштитиме здравјето на граѓаните, некој повеќе води сметка за личниот и партискиот рејтинг отколку за општата здравствена состојба во државата и за жал и тоа е факт на кој во минатато неколку пати укажував.

Многу е лицемерно луѓе кои во текот на денот се грижат за тоа како да ги унапредат и заштитат партиските послушници во Министерството за внатрешни работи, попладнето да објавуваат статуси и да даваат изјави дека граѓаните и здравјето им се важни.

Предложивте награда за полицајците од 15.000 денари за нивниот ангажман за време на корона кризата, но министерката за финансии Ангеловска тоа не го прифати со образложение дека пари за таква намена со буџетот не се предвидени. Кој е вашиот коментар?

Чулев: Полициските службеници секојдневно се во првите редови во справување со коронавирусот и нивниот придонес е голем и неспорен. И јас се уште стојам на ставот дека тие ја заслужуваат наградата која ја предложив и која ќе имаше големо влијание на нивниот понатамошен ангажман и посветеност. Но, за жал останатиот дел од владата и за ова прашање не успеа да се издигне над дневнполитичките и партиските интереси и истото беше одбиено во најкраток можен рок. Веројатно, фактот дека наградата беше предложена од Наќе Чулев, а не од Славјанка Петровска беше клучен за да не добие црвено светло, но таа награда ниту е за мене, а ниту за Славјанка, таа е наменета за секој еден вработен во полицијата кој го жртвуваше своето здравје и својот живот за да го заштити и спаси животот на жителите на државата.

Полициските службеници, но и сите граѓани важно е да знаат дека од една страна Владата вели дека во буџетот нема пари за награда на полициските службеници, но во истиот тој буџет има пари за невладините организации кои се блиски до власта. Точката за наградите на полициските службеници и до денес не e ставена и разгледанa на владина седница, а овие за невладиниот сектор се разгледуваат и прифаќаат молскавично. И ова е факт кој уште еднаш потврдува дека зад лицемерните изјави дека тие се грижат за полицијата, стојат само изјави дадени во политичка конотација и за собирање политички поени.

Како сте задоволни од вашата работа во оваа половина година додека сте на чело на полицијата. Се чини дека на власта сте и трн во око?

Чулев: Од една страна ингеренциите на Министерот за внатрешни работи во техничката влада се прилично ограничени, особено во техничка влада предводена од СДСМ каде што секојдневно се соочувам со пречки во работењето и опструкции.  Од друга страна Министерството за внатрешни работи е голема и комплексна институција, во која изминатиот период се работело многу хаотично и на моменти и незаконски и на едно такво безредие навистина е тешко да се стави ред во краток период со бројни ограничувања и опструкции.

Нема да бидам доволно искрен, ако кажам дека сум задоволен од тоа што сработевме периодот.  Но, клучно и најважно од се е дека успеавме да се организираме и да ги ставиме во функција сите капацитети во процесот на справување на државата со коронавирусот и тоа без поголеми и сериозни безбедносни инциденти со оглед на тензичноста на ситуацијата. Паралелно со тоа во изминатиот период Министерството за внатрешни работи во неколку наврати спроведе неколку важни и значајни акции кои се само потврда на нашата решителност за неселективна борба против загрижувачката корупција и организираниот криминал во државата, но и спречувањето на илегалната миграција.

Јас на почетокот на мојот мандат споменав и на тоа стојам и денес, справувањето со сите облици на криминал е еден од најважните приоритети. Тука се подразбир и криминалот кој е резултат на спрегата помеѓу организираните криминални групи и полициските структури, а кои доста бил присутен во минатото, а имал поддршка од високи полициски и политички структури. И веројатно овој факт е причината за паниката и стравот кој владее во СДСМ и оркестрираните барања за моја смена.

Кој е вашиот став за изборите?

Чулев: Избори и се потребни на нашата држава, но не по секоја цена и за сметка на здравјето на граѓаните.  Фер и демократски избори треба да има во оној момент кога граѓаните без страв за своето здравје ќе излезат и ќе го поддржат тој во кого веруваат.  Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите неопходни мерки за фер и демократски избори, но уште еднаш апелирам на разумност при носењето на било какви одлуки кои би значеле загрозување на здравјето на нацијата, но и би ја довеле во прашање кредибилноста на тие избори, пред се со очајно ниска излезеност и отсуство или недоволно присуство на меѓународен мониторинг пред се од ОДИХР кои се главен партнер на МВР во спречувањето на изборните нерегуларности.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.