Министерството за внатрешни работи за време на изборите ќе постапува бескомпромисно, доследно и крајно одговорно, со никаква толеранција кон какви и да се евентуални обиди за попречување на граѓанското право за слободно изразување на политичката волја, порача на денешната прес-конференција министерoт за внатрешни работи Наќе Чулев.

Секое постапување кое е во спротивност со законите, нагласи тој, ќе биде соодветно санкционирано, потенцирајќи дека казните за кривичните дела против изборите се во висина и до 10 години затвор.

Чулев информира дека МВР во моментот постапува и по добиени оперативни сознанија и пријави поврзани со изборни нерегуларности.

Полициските службеници се столбот на овие парламентарни избори и во таа насока ги повикувам да останат на висина на задачата да не подлегнат на политичктите и криминалните притисоци и влијанија, рече меѓу другото Чулев.

МВР и целиот негов кадровски и организационен потенцијал, потенцира тој, се максиламно подготвени да се справат со сите предизвици односно да овозможат во доменот на своите законски надлежности и обврски мирно и непречено одвивање на изборниот процес. При тоа, плански и организациски, како што рече, полицијата целосно е посветена на постапување насочено како кон делот на законитоста на изборниот процес, така и кон делот на заштита на здравјето на граѓаните.

Министерот Чулев на прес-конференцијата посочи и за неколку случаи за обид за изборни нерегуларности.

Во текот на вчерашниот ден од страна на полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Велес извршен е претрес на дом кај лицето А.М. (35) при што се пронајдени и одземени еден мобилен телефон и повеќе листови од тетратки на кои рачно имало напишано список од околу 250 лица со лични податоци и матични броеви.

По спроведениот претрес, а по насока на јавен обвинител од ОЈО Велес, лицето е лишено од слобода поради сомневање за извршено кривично дело “Поткуп при избори и гласање“ по чл. 162 од КЗ и со истото во просториите на СВР Велес и извршен разговор во врска со пронајдените предмети. Во разговорот од страна на конкретното лице било посочено дека списоците биле направени од негова страна по претходна насока од друго лице блиско до локалното раководство на владејачка партија во Велес и на истите имало име и презиме и матичен број од лица од ромска националност кои би гласале за политичката партија, а за возврат би добиле финансиски средства. Ваквата насока му била дадена пред околу една недела и за реализација на истата му била ветена материјална корист, изјави министерот Чулев на прес-конфренцијата.

Тој соопшти дека сд страна на СВР Велес во координација со ОЈО Велес се преземаат дополнителни мерки и активности во насока на целосно расчистување и документирање на настанот, како и утврдување на евентуалната инволвираност на други лица, по што ќе следи соодветна кривична пријава.

Aпелирам до граѓаните да пријават секаков вид на притисок или активности насочени кон нарушување на изборниот процес, а од страна на полициските службеници да бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и санкционирање на сите изборни нерегуларности независно од политичката припадност на сторителите на ваквите кривични дела, изјави Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.