Европската Комисија (ЕК) денеска за првпат се изјасни за временски рок за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија. Ова се случи за време на презентацијата на извештајот на европратеникот Илхан Ќучук, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во име на ЕК се огласи еврокомесарот Дидие Рејндерс, кој го заменуваше Оливер Вархеји попладнево во Европскиот Парламент. По воведот на известувачот за Македонија, Ќучук, на неговата резолуција за земјата, Рејндерс повика преговорите со Македонија, како и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство на 30 јуни.

„Земјите членки на ЕУ донесоа одлука во март 2020 година да ги отворат преговорите со Албанија и Македонија. Сега е време да се испорача и официјално да се отворат со двете земји пред крајот на француското претседателство“, изјави еврокомесарот.

Тој додаде дека ова е најсилниот сигнал што ЕУ може да му го испрати на целиот Западен Балкан.

Пред два дена и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, даде временски рок кога треба да започнат преговорите со Македонија и предупреди дека ако тоа не се случи до крајот на француското претседателство, ќе се отвори сериозен проблем помеѓу ЕУ и целиот регион.

Европската Комисија досега никогаш не се изјаснуваше за рокови во однос на отпочнувањето на преговорите со Скопје и Тирана, користејќи го изразот „што е можно поскоро“.

Од ЕК изразуваат подготвеност да помогнат во изнаоѓање решение за да се надмине спорот меѓу Софија и Скопје.

Известувачот Ќучук од своја страна предупреди дека „времето не е на ничија страна“ во овој спор.

„Ова е губитничка ситуација за Бугарија, за Македонија и за ЕУ“, порача известувачот и ги повика Скопје и Софија да најдат заеднички прифатливо решение за да може да се одржи првата меѓувладина конференција, со што ќе им се даде перспектива на македонските граѓани.

Одолговлекувањето на почетокот на преговорите со Македонија, според Ќучук, има негативно влијание и врз геополитичкиот контекст. Тој додаде дека ова се историски времиња кои бараат лидерски одлуки, а не следење на јавното мислење.

Извештајот на Ќучук го поздравува реформскиот напредок во земјата, со низа забелешки, меѓу другото, за состојбата со медиумите, цивилното општество, изборниот законик. Најспорни во извештајот се поднесените амандмани во врска со спорот со Бугарија. Извештајот и амандманите ќе се усвојуваат утре попладне во Брисел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.