Денеска, Европската комисија му ги претстави на Советот нацрт-преговарачките рамки за Албанија и Македонија, во кои се утврдени упатствата и принципите за нивните пристапни преговори, соопштија од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) – Скопје.

Оттаму додаваат дека комисијата беше поканета да ги достави овие предлози во март 2020 година од Советот за општи работи кога беше донесена одлука за отворање преговори со двете земји, 

Комесарот за соседска политика и проширување Оливер Вареји искоментира:

Денеска се одбележува уште еден важен чекор на патот на Албанија и Северна Македонија кон Европската Унија. Исполнувајќи ја нашата обврска, претставуваме конкретни рамки за спроведување на пристапните преговори. Нашите предлози се засноваат на ревидираната методологија за проширување што ја претставивме во февруари за да го направиме пристапниот процес поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив. Со нетрпение ги очекувам дискусиите со земјите-членки и што поскоро одржување на првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно припаѓа во Европската Унија и убеден сум дека ќе продолжат да ги спроведуваат реформите на нивниот европски пат како што тоа го правеа досега, изјави Вареји.

Преговарачките рамки ги утврдуваат насоките и принципите за пристапните преговори со секоја земја-кандидат.

Нацрт-рамките се поделени на три дела: 1) принципи со кои се регулираат пристапните преговори, 2) суштината на преговорите и 3) процедурата на преговори. Целта на преговорите е Албанија и Македонија да го усвојат законодавството на ЕУ во целост и да обезбедат негово целосно спроведување и влегување во сила по пристапувањето.

Нацрт-преговарачките рамки се засноваат на искуството од минатите проширувања и тековните преговори за пристапување. Тие ја интегрираат ревидираната методологија за проширување, ги земаат предвид промените во законодавството на ЕУ и, соодветно, ги отсликуваат сопствените заслуги на земјите и специфичните ситуации.

Европската комисија им ги претставува нацрт-преговарачките рамки на земјите членки на ЕУ, кои исто така добиваат и ажуриран извештај за напредокот што двете земји го постигнале во меѓувреме. Откако земјите-членки ќе ги усвојат преговарачките рамки, ротирачкото претседателство со Советот на Европската унија ќе ја претстави договорената генерална позиција на ЕУ на првата меѓувладина конференција со секоја од земјите, кое означува формален почеток на преговорите за пристапување. Преговарачките рамки ќе бидат објавени во оваа фаза, истакнуваат од Европската служба за надворешни работи

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.