Во Брисел беше објавен новиот состав на Европската комисија. Европската влада на чело со досегашната министерка за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја води Европската Унија во следниве пет години. По игра на случајот, токму овие два дена сум во Брисел на состаноци на Политичкото собрание на Европската народна партија (ЕПП) како и многубројни други средби во Европскиот парламент и Европската комисија. И во овој состав на Европската комисија, ЕПП останува најсилен играч. Партијата на основачите на Европската Унија во која членуваат најмоќните централно десничарските партии од Европа повторно го добива претседателското место, како и неколку клучни ресори.
Оваа комисија е композиција на најголем број политички партии досега, со многу спротивставени гледишта. Тоа ќе биде силен предизвик за Фон дер Лајен да направи баланс на интересите и на десницата и на центарот и на левицата. Во исто време, оваа комисија ја отсликува реалноста во Европа. Унијата како никогаш досега е поделена, па дури и поларизирана за многу суштински парања. Во зависност од условите, во различни држави победуваат различни политички групации и веќе ги нема познатите бранови од минатото кога во серија во повеќе држави во Европа победуваа партии од левицата или од десницата.
Токму овој микс е она што најмногу се коментира денес во Брисел. Во новата комисија има силно портфолио за климатски промени, но и за демократија и демографија кое оди кај нашите пријатели од ХДЗ од Хрватска, а новата комесарка Дубравка Шуица е јасно определен конзервативец, но и добар менаџер жена, која во двата мандата како градоначалник на Дубровник успеа целосно да го трансформира градот и направи една од најатрактивните светски туристички дестинации.
Она што е особено важно е што се дава силна поддршка на проширувањето. Имено, после пет години стагнација најавени и реализирани од сегашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер, повторно проширувањето е во врвната агенда. Секако, тоа има и свои големи противници, па беше интересно да се гледа овие два дена во Брисел како оние што се за проширување се обидуваа да остане како такво портфолиото во новата комисија и оние што се против и бараа да се оддели и раздвои и да се спои со други, а со тоа да се изгуби или потисне приоритетот за проширување. Победи струјата која е за проширување, што не значи дека неколку клучни држави кои се против проширување нема да продолжат да се спротивставуваат на него. Таа битка ќе биде судбинска за Македонија. Но во таа битка ние можеме да им помогнеме на пријателите на проширувањето, пред сè со силна работа и реформи дома како и искрен пријателски однос со нив, а не идеолошки напади.
Целата колумна на Александар Николоски на Независен весник
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.