Во неодамнешното гостување во емисијата „Трилинг“, министерот за надворешни работи Бујар Османи, меѓу другото, повтори дека уставните измени, со кои се предвидува внесување на македонските Бугари во Уставот, не се контроверзни, ниту се ризични за некого и оти само ќе ја зацврстат нашата позиција како земја во којашто граѓаните и заедниците и ги имаат сите индивидуални и колективни права, анализира „ПресингТВ“.

Мислам дека е важно тоа да им кажеме на граѓаните дека имаме две опции. Првата опција е е дека никому нема да му фали влакно и државата ќе си го обезбеди европски пат и отворање на сите механизми на ЕУ за помош и напредок на државата. Втората опција е инаетење поради непознати причини затоа што досега не видовме ниту еден аргумент од никого што е ризично во уставните измени, рече Османи.

Тој додаде дека целта на ваквото инаетење е поларизирање на општеството преку партиско-политичко калкуланство за следните избори да бидат своевиден референдум за уставните измени, а опозицијата има голема улога во тоа.

Опозицијата уште еднаш докажува дека кога се одлучуваат важни прашања за државата таа повторно не е на маса каде што се носат одлуките, а потоа излегува на улица. Дајте доколку не знаете како да ги решите проблемите барем не ги блокирајте тие процеси. Тоа е нечесен пристап и кон граѓаните и кон државата, истакна Османи во интервјуто.

Само неколку часа подоцна, ваквиот, би се рекло, дневно-политички приод на Османи кон уставните промени, во кој, нормално, на удар се најде опозицијата, беше целосно демантиран од Софија.

Истиот ден, на 6 мај, Бугарија го славеше денот на бугарската армија и на бугарскиот евро-пратеник Андреј Ковачев не му беше дозволен влез во Македонија за учество на панихидата, што неколку години по ред се одржува во Ново Село.

Но, она што е многу пострашно, агенцијата БГНЕС истиот ден пренесе вест, што не најде простор во домашните медиуми. Таа се најде на веб-порталот Фактор.бг со наслов „Македонските Бугари се поклонија пред споменикот на Незнајниот војник“ и во неа меѓу другото се вели:

На денешен ден оддаваме почит на сите знајни и незнајни храбри  бугарски војницим вклучувајќи ги и илјадите доброволци од Македоно-Одринското ополчение, кои загинаа во војните за национално обединување и слободата на Македонија. Тие славни страници, но и илјадниците сирачиња останати без своите татковци, не обврзуваат да продолжиме со својот стремеж за еднаш за секогаш веќе да ја видиме Македонија слободна, обединета со Бугарија и останатите европски држави во ЕУ. Македонија денес е жртва на омразата и на пропагандата, на лаги и манипулации, и наш долг пред нашите дедовци е да се спротивставиме на тоа. Тие загинаа за нашата слобода, изјавија оретставници на бугарските организации во Р*М.

За волја на вистината, во веста не се споменува ниту едно име ниту на поединец, ниту на организација или здружение, па оттука и сомнежот за манипулативноста на веста, што ја пласираше БГНЕС. Иако, секогаш останува можноста за желба за анонимност во вакви случаи, со образложение од страв од последици, се вели во текстот на „ПресингТВ“.

Отсуството, пак, на било каква реакција од македонското МНР фрла сосема друга светлина и димензија и на изјавата на министерот Османи и на приодот на власта кон уставните промени. Зашто, недозволиво е ваквите заложби на македонските Бугари да останат без официјална реакција. И ако на Ковачев не му се дозволува влез во државата, тогаш што да се каже и направи за ставот на македонските Бугари за „обединување со Бугарија“!!!

На страна содржината на двата меѓувладини протоколи од кои произлегува несогласувањето на мнозинството, пред се, Македонци за внесување на македонските Бугари во Уставот, сепак неизбежно е чувството дека власта лежерно се однесува, што внесува дополнителни сомнежи кај обичните граѓани. Дотолку повеќе што од обична техникалија сега веќе се говори и за сосема нов наратив на преамбулата, па и нејзино целосно отстранување!

Оттука, наместо дневно-политичко пресметување со опозицијата, многу подобро би било министерот Османи да се заложи и да обезбеди институционални проценки за внесувањето на македонските Бугари во Уставот и какви се последици може да предизвика тоа. Нему и онака не може ништо да му се верува, а најмалку дека никому нема влакно да му фали. Македонија и Бугарија потпишаа еден куп договори, но односите никогаш не биле полоши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.