Девет училишта во Скопје и денеска добија дојави за поставени бомби.

Денеска во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Според првичните информации, мејлот, овојпат со различна адреса од вчерашниот, стигнал до гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин”, „Орце Николов”, „Никола Карев”, „Јосип Броз Тито”,  АСУЦ „Боро Петрушевски” и во уште 4 други училишта.

Дојави за поставени бомби вчера беа упатени преку мејл до осум средни скопски училишта, а по акцијата на полицијата, беше утврдено дека се лажни.

Проверени се осумте училишта на чии мејлови беа упатени закани за наводно поставени бомби и утврдено е дека пријавите се лажни, информираа вчера од МВР за МИА.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек.

Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Cеверна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој додаде дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас.

Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Cеверна Македонија, порача министерот Спасовски утрово во интервју на МТВ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.