Михаел Рот, пратеник од германскиот Бундестаг и претседател на Комисијата за надворешна политика, денеска од Скопје порача дека ЕУ треба да го засили присуството во Македонија, но и дека уставните измени треба да се случат за да продолжат пристапните преговори со Унијата.

Рот изрази задоволство што е тука повторно, особено како што кажа, во овие тешки времиња кога може да почуствува фрустрација и разочараност од ЕУ.

-Тоа е наша обврска на политичарите од ЕУ и од Германија да ги охрабриме Македонците и Македонките да го направат следниот чекор во правецот на ЕУ и да знаат дека тоа навистина вреди, рече Рот во изјавата за медиумите по средбата кај претседателот на државата Стево Пендаровски.

Германскиот пратеник рече дека земјава вложи многу на патот кон ЕУ и токму сега Унијата има обврскада биде поприсутна во Македонија, да биде повидлива, повеќе да се ангажира, да обезбеди перспектива и повеќе работа за младите за да знаат дека вреди.

-Затоа е сега многу важно уште еднаш да се предочи и да биде јасно дека ЕУ не претставува само внатрешен пазар и заедница која што има една валута туку дека таа е заедница која има културна и јазична разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет. Ниту еден договор нема да може никогаш да промени нешто од ова основно начело на коешто се базира ЕУ, рече германскиот пратеник Рот.

Изрази надеж дека во македонскиот Парламент ќе можат да се создадат предуслови да се продолжи, како што кажа „ангажирано со пристапните преговори“.

– Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за тие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето – не како може јас да и помогнам на мојата партија, туку како може јас да и помогнам и да придонесам за мојата земја, потенцира Рот. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.