Европскиот Парламент вчера ја усвои резолуцијата за  Македонија. со која се поздравуваат напорите на земјата во реформите за членство во ЕУ и се охрабруваат Скопје и Софија да изнајдат взаемно прифатливо решение околу спорот поради кој Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ и покрај исполнетите реформи.

Амандманите поднесени од страна на Социјалдемократите и Зелените преку кои се даваше поддршка за конструктивниот однос на Македонија и се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.

Изготвувачот на извештајот Илхан Ќучук го поздрави фактот што Македонија продолжи со реформите и покрај пандемијата од Ковид-19.

-Се надевам дека Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат. Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно согласно Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, изјави Ќучук.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во обраќањето пред европратениците на дебатата за годишните извештаи за напредокот за земјите од Западниот Балкан, изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули.

– Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни. Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ, изјави Вархеји.

Тој оцени дека, сепак, Македонија има уште „многу работа“ во делот на реформите.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вчера го поздрави усвојувањето на Извештајот на Република Македонија, но изрази жалење што не помина амандманот на Зелените и Социјалистите во врска со непримерно и провокативно однесување на бугарските власти кон земјава.

– Сакам да го поздравам усвојувањето на Резолуцијата на ЕП со големо мнозинство, вклучувајќи го и компромисот кој е постигнат околу вордингот за пристапувањето дека билатералните прашања не смеаат да бидат користени за блокирање на пристапниот процес. Но не можам да избегнам да не ги спомнам некои од амандманите за кои се гласаше денеска. Сакам да изразам жалење и разочараност што беа усвоени амандманите 3 и 4 поднесени од ЕПП-групата, и би сакаал да изразам жалење што амандманот 2 поднесен од Белка, Пицула, Фајон и Шидер не доби поддршка од мнозинството, рече Димитров во обраќањето на 18. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ.

Едниот амандман на ЕПП се однесуваше на одлуката на ЕП дека претходните препораки за недискриминација на луѓе кои отворено изјаснуваат дека се со бугарска припадност или потекло, не се имплементирани и сè уште е проблем да се каже дека имаат нешто заедничко со Бугарија. Другиот, како што изјави, бугарскиот европратеник од ЕПП Андреј Ковачев инсистира на „историско помирување засновано на заедничка бугарска историја, како што е запишано во Договорот за пријателство и добрососедство“.

Во однос на спорот со Бугарија, Димитров кажа дека на неколку дена од изборите во оваа соседна земја, ние сме посветени да продолжиме со билатералните напори,  вклучувајќи ги и напорите на португалското претседателство, за изнаоѓање начин да го надминеме прашањето, со цел да создадеме ситуација во која Софија, вели, ќе им се придружи на земјите-членки и да се постигне консензус во однос на усвојувањето на преговарачката рамка за конечно да се одржи првата меѓувладина конференција и ги почнеме преговорите.Во прашање се многу работи, вели тој, вклучувајќи го и кредибилитетот на ЕУ во регионот,.

-Навистина е крајно време да го почнеме пристапниот процес. Ако тоа го постигнеме тоа ќе биде тројна победа – за нас, за Софија и за ЕУ. Тоа ќе даде и голем сигнал за регионот, нагласи Димитров укажувајќи на европскиот пат на С Македонија изминатите 20 години од Договорот за стабилизација и асоцијација се до зеленото светло за старт на преговорите во март, лани.

За спорот со Софија, го повтори ставот дека клучот е во имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година.

-Договорот во членот 2 вели дека Бугарија ќе ги поддржи нашите напори за членство во ЕУ. Во контекст на Договорот да – имаме некои разлики, имаме периоди во нашата историја кои може да ги сметаме заеднички, ајде да ги искористиме како мост на зближување а не за спор. Клучот е во целосна имплементација на Договорот за пријателство, кој го вклучува и членот 2, и сметам дека на долг рок двете земји ќе добијат ако Бугарија не е пречка, туку стане најголем поддржувач на нашата евроинтеграција, рече Димитров.

Европратениците на вчерашниот 18. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ кој се одржа виртуелно поради ковидпандемијата порачаа дека Собранието има клучна улога во процесот на евроинтеграција на земјата и потребно е што поскоро да се надмине блокадата за тоа да стане функционално. Изразена и поддршка за започнување на пристапните преговори.

На отворањето на виртуелниот состанок се обрати копретседавачот од европска страна  Андреас Шидер, кој истакна дека ЕП традиционално целосно ја поддржува стратешката определна на Македонија за членство во ЕУ, за што земјата посветено  работи на ЕУ-реформите и на надминување на проблемите со соседите.

-Постојано повикуваме на членките на ЕУ да ја почитуваат оваа посветеност и покажат политичка волја која би му овозможила на Советот конечно да ја одобри преговарачката рамка и така да овозможи одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија, што ќе ја потврди кредибилноста и објекетивноста на пристапниот процес, рече Шидер, кој покрај реформите во клучните области го охрабри и спроведувањето на пописот како статистичка операција со почитување на европските стандарди и регулатива.

Пратеникот Биљал Касами, во својство на копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската Унија истакна дека по изборите во Бугарија , очекува интензивирање на контактите и рационален пристап во насока на отворање на прегорите, а од ЕУ-институциите јасен патоказ за почеток на преговорите со  Македонија и одржување на меѓувладината конференција.

-Ги прифаќаме модификациите на пристапниот процес кои го прават поефикасен и израз на постигнувањата на секоја земја поединечно. Потребна ни е јасна европска перспектива, јасна временска рамка и методологија за идните преговори. Преговорите за членство треба да зависат од реформите и постигнувањето на европските стандарди, билатералните преговори не треба да бидат дел од преговарачката рамка, порача Касами.

Ѓеновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан, Генерален директорат за соседство и преговори за проширување при Европската комисија, ја истакна потребата од што поскоро разрешување на блокадата во Собранието и неопходноста од одржување добрососедски односи. Сите билатерални договори, пред се договорите со Грција и Бугарија, вели таа, мора да бидат имплементирани од сите страни во добар дух, а Скопје и Софија мора да ги удвојат напорите за наоѓање заемно прифатлив договор.

-Европската комисија продолжува да ја поддржува Македонија во процесот на пристапување за членство во ЕУ, рече Руиз Калавера.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.