Европската комисија бара до крајот на годинава земјава да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Еврокомесарот Вархеји, презентирајќи го извештајот за напредокот на Западен Балкан, рече дека тој работи до декември да се одржи првата меѓувладина конференција со Скопје и Тирана.

Вархеји денеска ја исклучи можноста земјава да биде одвоена од процесот на проширување и Албанија прва да добие зелено светло иако пред неколку месеци ја отвори таквата можност, но вели, предлогот го отфрлиле повеќето членки на ЕУ.

Смета дека двете држави се подготвени за старт на преговорите, а одложувањето на процесот го му штети на кредибилитетот на Унијата. Вархеји потенцира дека е вклучен во решавање на проблемот со Бугарија – ги посетил Скопје И Софија и како што вели, е подготвен да помогне.

Во извештајот за земјава, се забележува дека наместо спроведување на постојни закони, државата се фокусира на брзо носење на нови закони.

Судскиот систем во Македонија е „умерено подготвен“ за ЕУ членство, а ваква оценка од Унијата добива и борбата против корупцијата. Мал напредок е констатиран и во реформирањето на државната администрација.

Иако е поздравен ангажманот на опозициските партии во Собранието, неговата работа е проследена со длабока поларизација, се наведува во извештајот на Европската комисија.

Извештајот за напредокот од ЕУ се објавува еднаш годишно. Содржи оценки за исполнувањето на економските и политичките критериуми и дава препораки за понатамошни реформи на земјите на патот кон ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.