АД ЕСМ ги потпиша договорите за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на Балкан Енерџи (Производство, Дистрибуција и Снабдување). Од компанијата соопштија детали од потпишаните договори.
Договорот предвидува влегување на АД ЕСМ во раководењето на Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје преку назначување прокуристи, лица вработени во АД ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на друштвото Балкан енерџи. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписи, односно без согласност на прокуристот од АД ЕСМ, Балкан енерџи нема да смее да врши исплати и да склучува договори.
Од АД ЕСМ информираат дека средствата што ќе ги добијат од Владата за справување со кризата со снабдување на топлинска енергија, ќе се уплатуваат повремено, во потребни износи, на посебна наменска сметка која Балкан енерџи ќе ја отвори и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.
Средствата од шест милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во Балкан енерџи, за набавка на топлинската енергија што се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес, велат од АД ЕСМ.
„Балкан енерџи“ секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи кои пристигаат на другите нивни сметки, а додека трае договорот за деловно-техничка соработка, ќе ги врши исплатите кон трети лица исклучиво преку наменската сметка и врзан потпис од прокуристот од АД ЕСМ.
– Балкан енерџи гарантира за вложените средства добиени од страна на државата, со меница потпишана од основачот на Балкан енерџи. Враќањето на средствата кон АД ЕСМ ќе се реализира во 2023 година, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона, наведува АД ЕСМ во соопштението испратено до јавноста.
АД ЕСМ ќе поднесува месечни финансиски извештаи до Владата за потрошените средства наменети за справување со кризата со топлинска енергија и извештаи за комплетното работење на привременото управување.
Од АД ЕСМ појаснуваат дека Владата ја задолжила оваа енергетска компанија да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во Скопје затоа што станува збор за најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. Исто така компанијата поседува и свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје и располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.
– Целта на воведувањето на кризното менаџирање со снабдувањето со топлинска енергија е да се овозможи парно греење до крајот на грејната сезона, со оглед на тоа што снабдувачите се изјаснија дека немаат средства за набавка на гас за призводство на топлина по екстремниот скок на цената на гасот. Влегувањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас овозможи да се спречи дополнителено продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење граѓаните би се префрлиле на греење на струја, а со тоа би дошло до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија, наведуваат од АД ЕСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.