Министерот за здравство Венко Филипче вели дека повикот на епископот на Повардарската епархија, Агатангел верниците масовно да дојдат во црквите за Задушница е спротивен на се она што го прават здравствените власти за спречување на ширењето на заразата на коронавирус. Тој побара од епископот да го повлече повикот за да не дојде до загрозување на здравјето на граѓаните.

Го повикувам епископот да го повлече повикот, тој е спротивен на сѐ она што го правиме и спротивно на уредбите на Владата. Ако тоа се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите таму – кажа Филипче на промоцијата на 20 респираторни машини од донација од Европската Унија.

Повардарската Епархија на МПЦ-ОА денеска ги повика верниците од црквите во велешко, кавадаречко, неготинско и гевгелиско, масовно да ги посетат храмовите за Задушница и да носат со себе варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.