Со вистински идеи и инвестиции во крупни проекти, Истокот доби нови лик, доби модерни и безбедни патишта, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, извршија увид во изградба на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш.

Вкупната инвестиција е 15 милиони евра, а должината на оваа втора фаза изнесува 17 километри. Прогресот на градежите работи е 65 проценти и според Договорот, експресниот пат комплетно ќе биде завршен април 2022 година.

Министерот потенцираше дека обиколницата околу Штип ќе биде готова за 30-тина дена, со што сообраќајот низ градските улици низ Штип ќе се растерети.

Покрај завршувањето на обиколница Штип, завршена е и клучката од Бучим до Радовиш и на почетокот на месец октомври и оваа делница ќе се стави во функција. Со изградбата на овој патен правец даваме пример како се гради одговорно, како се гради навремено и модерно според сите европски стандарди. Со инвестициите што ги реализираме во овој регион даваме поттик на преку 12 илјади мали и средни фирми и обезбедуваме просперитет на преку 170 илјади граѓани, изјави министерот за транспорт и врски, Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, информираше дека вкупната должина на експресниот пат Штип – Радовиш е 40.4 километри, од кои 23 километри веќе се пуштени во употреба.

Оваа втора фаза од изградбата на експресниот пат е во должина од 17 километри и поделена на две секции. Првата секција ја опфаќа делницата од Три Чешми до Штип Југ, а втората од клучката Бучим до Радовиш. На оваа делница вкупно се изведени 16 објекти за премостување и 3 клучки. Очекуваме работните активности да завршат пролетта 2022 година, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

На новинарско прашање, во однос на законот за легализација, министерот Бочварски истакна дека предлог Законот е доставен до Владата и на следната владина седница ќе биде разгледуван.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.