Претставници од експерти на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, утре ќе имаат средба за обнова на разговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон за обвинителство, потврдија двете партии. Разговорите ќе ги водат Бојан Маричиќ, советник на Зоран Заев и Тимчо Муцунски, советник на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Со ова пропадна обидот на Заев за нова лидерска средба за побрзо носење на законското решение.

ВМРО-ДПМНЕ не може да презема одговорност за тоа што сака да го направи Заев за политички и свои цели. Да бидеме јасни. Заев сака да си направи повторно свој закон кој ќе може да гони пратеници и да биде еден вид на деспот во Република Македонија. Тоа не може така. Ако збориме за реформи, ако навистина и господинот Заев и сите околу него сакаат европски закони, тогаш дајте навистина да направиме реформски закон, кој што сите ќе го почитуваме и ќе имаме успешна реформа во Република Македонија, изјави денеска Мисајловски.

Разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се во застој, а последната верзија на законот за обвинителство е трета по ред откако пред повеќе од една година почна да се заговараат законски промени во обвинителската сфера со кои ќе се реши и статусот на досегашното специјално обвинителство.

Иако не е услов за почеток на преговорите со Европската унија, Брисел постојано испраќа пораки дека добро е законот да биде донесен пред следниот состанок на Европскиот совет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.