Министер без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО Едмонд Адеми изрази задоволство што средбата со претставниците на Мониторинг-мисијата на УНЕСКО што се во Охрид бил констатиран напредок во одредени сегменти, но и биле посочени одредени насоки како да се постапува понатаму.

Експертите од УНЕСКО истовремено изразиле задоволство од комуникацијата со сите субјекти во земјата, властите на централно и локално ниво, нешто што не било случај изминатиот период.

Адеми во изјавата за медиумите денеска од Охрид посочи дел од активностите што беа спроведени во насока на исполнување на забелешките од УНЕСКО, како напуштање на плановите за изградба на ски-центар на Галичица и патот А3, формирањето меѓудржавен македонско-албански Комитет за заедничко управување со Охридското Езеро, санацијата на најкритичните точки на Колекторскиот систем, усвоениот План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) со Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство.

Сега сме во процес на имплементација на останатото што бара повеќе време, како проектот за враќање на реката Сатеска во старото корито, процесите околу железницата и патот А2. Во соработка со експерти на УНЕСКО ќе се бараат решенија за сообраќајните проекти, се со цел да бидеме на иста линија по однос нивните барања, рече Адеми.

Според Адеми, интенција е Владата, сите институции на сите нивоа, општеството во целина заедно со УНЕСКО да работи на сочувување она што е културно и природно наследство на Охридскиот регион.

Тие се свесни дека нешто што 30 години се правело така како што се правело, не може да се смени преку ноќ. Но, за нив е задоволувачки што оваа Влада има план и акција по прашање на имплементација на нивните препораки. Она што се очекува од институциите на локално и централно ниво, но и на сите останати субјекти да продолжат со реализација на своите обврски, рече Адеми.

По однос најекспонираното прашање за двоградбите, Адеме потсети дека она што сега се спроведува е експертска проценка за влијанието на објектите, утврдување на фактичката состојба, а потоа да се пристапи кон уривање.

Во делот на надлежностите факт тоа е ингеренција на општините, но ние на Влада побаравме од Државниот инспекторат за градежништво да направи увид на лице место и да даде оценка, за потоа државата да може да постапи согласно законите. Она што е процес е процес, мора да се исполни. Дивоградбите се најчувствителниот сегмент, тоа е факт, меѓутоа чувствителен затоа што постојат закони, судови, управни постапки во тек…Ако се залагате за правна држава, а постапувате спротивно ништо нема да се направи. Интенција е целата процедура да биде согласно законите, појасни Адеми.

Тој посочи оти државата ќе преземе чекори во сите делови што налагаат вклучување институции од централно ниво, во насока на исполнување на обврските на УНЕСКО.

За забелешките од граѓанскиот сектор дека само декларативно се работи на исполнување на препораките, Адеми информира дека експертите од УНЕСКО позитивно го оцениле односот, конкретно имале пофални зборови за активностите на Владата која прифатила голем дел од препораките и забелешките на невладниниот сектор во Планот за управување до Охридскиот регион.

Тоа е поздравено како добар начин на комуникација и соработка на централната власт и невладниот сектор. Тука нема шминка, знаеме дека не е се исполнето, но дека се работи покажуваат активностите на терен, рече Адеми.

Во однос на мораториумот за градење што го донесе Општина Охрид, Адеми со негов личен став дека истиот треба да остане на сила се додека не биде усогласен Планот за Охридскиот регион со легислативата.

Инаку, експертите на УНЕСКО се во земјата за да ги утврдат реализираните активности по однос барањата на Реактивната комисија на УНЕСКО од 2017 година. Од спроведеното на терен по однос забелешките ќе зависи каков ќе биде извештајот, дали Охридскиот регион ќе биде прогласен за светско културно и историско наследство во опасност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.