Се разгорува ли битка во власта кој од економските министри ќе ја преживее чистката, прашува во својата анализа „Алфа“. Наспроти молкот во СДСМ, ДУИ веќе гласно заговара промени во економијата. Гласноговорник за ова не е Ахмети, ниту премиерот Заев, туку вицепремиерот Османи кој два дена по ред ја потенцира потребата од зајакнување на економскиот сектор кој досега беше во сенка на политиката.

Извори за „Алфа“ коментираат дека во власта веќе има и отворен судир околу тоа кој ќе мора да си оди. Дали министерот за економија Бектеши, кој е токму од ДУИ, или пак некој од кадерите на СДСМ Тевдовски, Сугарески или Анѓушев.

Сепак, министрите од економскиот сектор велат дека се релаксирани по ова прашање, оти си ја вршеле работата како што треба, а и премиерот ќе ја донел одлуката за метлата.

За судирот во власта зборува и разногласието околу најавената средба на Заев и Ахмети. За Груби и Османи тврдат дека двајцата се виделе и разговарале, владиниот портпарол Бошњаковскли пак вели дека средба немало.

Најавите за метла на Заев уште во старт наидоа на нож во ДУИ од каде реагираа дека тие одговарале само пред нивниот лидер Ахмети. Во меѓувреме Заев продолжува да размислува и да се консултира, а епилог најави за наредниот месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.