Договорот од Преспа за промена на уставното име, кој според ЕУ бил историски, и Договорот за добрососедство со Бугарија и обезбедија на земјава уште една чиста препорака од Европската Комисија за почеток на пристапните преговори со Унијата. Според пишаното во извештајот, земјава доби пофалби за добро организираните претседателски избори и зголемената доверба помеѓу различните етнички заедници.

„Изборите беа добро организирани што им овозможи на граѓаните да бидат добро информирани околу изборот на кандидатите. Парламентот го подобри своето работење како место за конструктивен политички дијалог. Охридскиот рамковен договор стана дел од Преамбулата на Уставот и продолжува да се имплементира“.

Европската комисија во извештајот смета дека земјата поминува низ „темелни промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера“ и дека конкретни резултати се видливи во сите клучни реформски области: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби, посебно формирањето на ОТА. Во однос на СЈО, Европската комисија нотира дека ова тело ја докажало својата водечка улога во гонењето на високопрофилна корупција. Сепак, Брисел препорачува дека реформите треба засилат посеебно во делот на владеењето на правото и битката против корупцијата.

„Властите треба дополнително да ги засилат напорите и да покажат дека борбата против корупцијата е национален приоритет на сите нивоа на овластувања. Меѓутоа, корупцијата е распространета во многу области и останува прашање за загриженост“.

Слободата на медиумите и слободата на изразување продолжува да се подобрува, стои во извештајот на Комисијата. Сепак, велат, од суштинско значење било државните функционери и политичките елити да демонстрираат повисоко ниво на толеранција кон јавната критика.

„Земјата мора да направи значителни напори да ја обезбеди независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис, но и да обезбеди негова финансиска одржливост“.

Во извештајот нотирана е и добрата соработка што земајва ја има со соседите и со земјите членки на Унијата околу проблемот со миграцискиот бран. Обезбедена е велат ефикасна контрола на јужната граница, но сепак забележуваат дека мора да се реши проблемот со илегалниот транспорт на мигранти особено кон северната граница на земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.