Да можеше водење на држава да се стави во ексел табела, ќе беше лесно за секој да води држава, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дадена денеска во Софија, Бугарија.

Човекот треба да знае дека водењето на државата не е исто со неговата наследена ексел табела добиена за партијата. Државните интереси не може да се стават во ексел табела, ниту пак животот на граѓаните. А кога сме кај ексел табелите, поважно е што таму бројките кажуваат повторно дека сме меѓу најкорумпираните во Европа на делба од 87 до 95 место, буџетски дефицит од околу 7.255.000.000 денари или нов долг за секое семејство за само 24 дена од 2022 година од околу 14.500 денари! Овој пат да пробаме без ексел табели, туку со работа за она што е важно за народот, заштита на интересите, повеќе пари и иднина за сите – порача Мицкоски.

Денеска на отворањето на меѓувладината седница на Македонија и Бугарија, што се одржува во Софија, премиерот Димитар Ковачевски зборувајќи за агендата на работните групи рече: Кирил и јас важиме за луѓе кои сакаат ексел табели, кои сакаат рокови и сакаат остварување. Ние ќе бидеме тука постојано и постојано ќе учествуваме во работата на сѐ она што ќе се прави и сакаме барем еднаш неделно работните групи сами да информираат за напредокот и со тоа да ги направиме среќни и граѓаните на Република Бугарија и граѓаните на Република  Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.