„И според мене постојат големи главни градови кои што не се расположени Македонија да почне преговориу со ЕУ заради степенот на корупција и немањето реформи“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.

Николоски додаде дека да немаше корупција толкава во Македонија тогаш европските земји ќе извршија притисок врз Бугарија, но, македонската Влада гледа да се заштити за криминалот и корупцијата преку отворање на преговори.

„Стојам позади тоа дека четири и нешто години Македонија не започнува преговори само заради корупцијата заради тоа што ветувањето беше кога ќе се реши проблемот со Грција и преговори ќе започнат. И да не заборавиме првиот договор кој што го потпиша Владата на Заев беше токму со Бугарија. Не е дека Македонија нема договор со Бугарија, но факт е дека Бугарите одат надвор од тој договор и факт е дека никој не ги притиска да се вратат назад туку напротив им дозволуваат да одат надвор од тој договор, затоа што мислат дека Македонија не треба да започне преговори“, рече Николоски.

-Јас бев во Стразбур изминативе неколку денови и можам да ви кажам едно непријатно чувство во разговори со бројни пратеници таму, беа сите зачудени како е возможно да Владата во Македонија прифати таков предлог. Првата или најголемата држава во Европа зависи Германија или Франција како ги цените, нема да си дозволи да стави било што на маса доколку нема согласност од двете страни. И беше чудењето огромно како е возможно да се согласат на ваква работа, тоа е прво. А, второ тврдеа дека не го виделе за да после тоа самите да признаат дури и тоа го кажа претседателот на државата дека разговарале во однос на предлогот и дека посредството го презело француското претседателство. Значи од ситуација „ништо не знаеме“ до ситуација „разговаравме и преговаравме“. Ова е трајно рушење на македонските национални позиции и удирање во темел пред се на македонскиот народ како доминантен во Македонија, нагласи Николоски.

Николоски во текот на гостувањето се осврна и на прашањето за впишување на Бугарите во македонскиот Устав.

„Ние многу внимателно, и претседателот на партијата, и јас, и останати сме кажувале дека доколку и само ако тоа е број еден и последното барање на бугарската страна, но и број два добиеме гаранции во пишана форма и усвоени од соодветен орган во Бугарија било тоа да е Собрание или Влада во однос на македонскиот јазик, култура и народ тогаш сме спремни да разговараме за ова. Но, Бугарите не само што не се спремни да кажат дека ова е последно барање туку директно ги негираат постоењето на македонскиот јазик, македонскиот народ, а по она што го видовме во бугарското Собрание и постоењето на македонската држава, затоа што говореа дека треба да се присоедини кон Бугарија“, рече Николоски.

Тој посочи дека во такви услови човек треба да е наивен за да влезе во исполнување на бугарските барања кои што никогаш нема да завршат.

-Така што позицијата наша е многу јасна, а таа е доколку има дополнителни услови, а сега не да има дополнителни услови туку тие се и многу, многу лоши, и нема ние што воопшто да разговараме со Бугарија. Затоа што не можеме ние да разговараме со Бугарија дали постоиме или не. Ние постоиме и тука сме. А, секое седнување на маса и разговарање дали постоиме ние признаваме дека не постоиме. Доколку седнеме на маса и разговараме дали има или нема македонски јазик, ние признаваме дека македонскиот јазик е спорен. И затоа не смее за тие работи ниту да се седне, нагласи Николоски.

Николоски укажа дека не може да се негира дека во Втора Светска Војна имало окупација од страна на Бугарија во Македонија. Бугарите бараат да се ретушира македонската историја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.