Една од партиите од владејачкото мнозинство се подготвува за изборен поткуп и во таа насока денес, во момент кога дел од граѓаните го остваруваат гласачкото право, беа поништени 20 решенија и наредби за распоредување на вработени во Министерството за внатрешни работи, а потпишани од моја страна, напиша техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев на социјалните мрежи.

Ова е сериозен индикатор дека владејачката СДСМ подготвува сценарио за изборен криминал со поткупување на гласачи и изборни нерегуларности. Но, ова сценарио нема да им помине. Граѓаните треба да бидат сигурни дека ваквите незаконски постапки на владата, ниту ќе не поколебаат или пак одвлечат од решеноста да го спречиме изборниот поткуп и во таа насока уште еднаш потенцирам дека секој еден кој ќе влијае врз гласачите ќе биде најостро санкциониран. 20 полициски службеници помалку, се ништо наспроти силната волја и решеност да ставиме крај на криминалното работење на СДСМ, пишува Чулев.

Колку и да сакаат да сокријат, повеќе од јасно е дека поткуп има во Штип со личните карти, вчера во Дојран претставници на СДСМ се фатени како поткупуваат гласачи, а во тек е оперативно постапување и за други случаи. Ова покажува дека високи функционери на СДСМ се инволвирани во изборен поткуп. Полициските службеници активно работат на терен и ги охрабрувам и понатаму најприфесионално и непристрасно да интервенираат секаде, онаму каде што ќе забележат индиции за поткупување на гласачите. А до гласачите апелирам да не подлегнуваат на било какви притисоци, уцени, закани или поткуп и слободно да го остварат своето граѓанско право, напиша Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.